Српската влада одобрила околу 6,5 милиони евра за Српската православна црква (СПЦ), наменети за изработка на нов мозаик во Храмот „Свети Сава“ во Белград. Но, додека храмот беше свечено отворен во 2020 година, а неговото внатрешно уредување тогаш беше прогласено за завршено, белградскиот неделник „Време“ отвора прашања за намената и трошењето на јавните средства. Меѓу сомнежите што ги изнесува весникот е и можноста дел од парите во готовина да биле изнесени од Србија и предадени на партнери во Москва.
Според договорот што на Видовден годинава го потпишале српскиот патријарх Порфириј и премиерот Ѓуро Мацут, Владата ѝ одобрила на СПЦ вкупно 763,1 милион динари, односно околу 6,5 милиони евра.
Од вкупната сума, на Црквата веднаш ѝ биле исплатени 234,8 милиони динари, додека преостанатиот износ треба да биде исплатен до крајот на ноември 2026 година, објавува „Време“, повикувајќи се на документ до кој дошол неделникот. Информацијата ја пренесува и новинската агенција ФоНет.
Во документот се наведува дека средствата се наменети за изработка на нов мозаик со површина од 2.315,33 квадратни метри. Сепак, не е разјаснето за каков мозаик станува збор, со оглед на тоа што внатрешното уредување на храмот било завршено во 2020 година.
„Време“ посочува две околности што отвораат прашања за исплатата: јавните средства биле префрлени на една од сметките што СПЦ ги има во Алта банка, а постои и сомнеж дека дел од парите во готовина биле изнесени од Србија и предадени на партнери во Москва.
Храмот „Свети Сава“ беше свечено отворен во 2020 година, кога беше соопштено дека се завршени внатрешните работи, вклучително и поставувањето на монументалниот мозаик и целосното опремување на ентериерот. Ова дополнително го наметнува прашањето за конкретната намена на новите средства и за работите што треба да се финансираат со нив.
Како извршител на работите во договорот се наведува Дејан Накиќ. Според извори на „Време“ од СПЦ, неговото име и претходно било поврзувано со контроверзии околу деловното работење на Црквата.
Неделникот пишува и дека Накиќ во 2025 година бил приведен поради царински прекршоци, при што, според објавените информации, пренесувал поголеми количества пари, женски чанти и цигари. Засега, наведува „Време“, нема информации дали против него била поведена постапка.
Извор: Novidani.com












