Клучното прашање во разговорите за завршување на руската војна против Украина повторно е во фокусот: какви безбедносни гаранции би добил Кијив доколку се постигне договор за прекин на огнот или мировно решение, и дали тие гаранции би биле доволно силни за да спречат нова руска агресија.
Разговорите во Берлин на Коалицијата на подготвените се дел од пошироките дипломатски напори на САД, Украина и европските партнери за усогласување на условите за безбедносна иднина на Украина, територијалните прашања и можните механизми за спроведување на евентуален мировен договор.
Што беше договорено и што изјави Вашингтон?
Главната изјава ја даде Џаред Кушнер, специјален пратеник на Доналд Трамп, по разговорите во Берлин на 19 ноември 2026 година.
Кушнер изјави дека Трамп е отворен за безбедносни гаранции за Украина засновани врз моделот на членот 5 од НАТО. Според него, американската страна смета дека и Русија е подготвена да го разгледа концептот на вакви гаранции.
Сепак, Кушнер нагласи дека евентуалната американска гаранција мора да биде во интерес на САД и да биде дел од поширок безбедносен пакет. Тој истакна дека Трамп сака секој договор да биде постигнат во тесна консултација со Украина и европските партнери, а не еднострано наметнат.
Разговорите во Берлин: Европа бара место на преговарачката маса
На 19 ноември во Берлин се одржа средба на Коалицијата на подготвените (Coalition of the Willing), на која учествуваа украинскиот претседател Володимир Зеленски, германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Енди Барнам, други европски лидери и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
На средбата присуствуваа и американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Според извештаите, во разговорите биле вклучени претставници на речиси 40 европски држави.
Една од главните теми беше потребата од цврсти и правно обврзувачки безбедносни гаранции што би стапиле во сила по евентуален прекин на огнот.
Европските лидери настојуваат да обезбедат нивно директно учество во преговорите за Украина, особено по средбата на Трамп со Путин и Си Џинпинг во Шенжен. Во Европа постои загриженост дека иднината на Украина и безбедносната архитектура на континентот би можеле да бидат предмет на договор меѓу големите сили без соодветно учество на Кијив и европските држави.
Германскиот канцелар Мерц порача дека Европа мора да биде вклучена во мировниот процес. Тој најави дека нови разговори со учество на Украина, САД, Русија и Европа би можеле да се одржат наскоро, а како можна неутрална локација ги спомена Обединетите Арапски Емирати.
Што би значеле гаранции слични на членот 5?
Членот 5 од Северноатлантскиот договор го утврдува принципот на колективна одбрана: вооружен напад врз една членка се смета за напад врз сите членки на Алијансата.
Тоа не значи дека секоја членка автоматски мора да одговори со иста воена сила. Секоја држава презема мерки што ги смета за неопходни, вклучително и употреба на вооружена сила.
Во случајот со Украина, модел сличен на членот 5 би можел да подразбира:
- обврска за меѓународна реакција при нов руски вооружен напад;
- долгорочна воена, финансиска и техничка помош;
- зајакнување на украинските вооружени сили;
- механизми за следење и верификација на евентуален прекин на огнот;
- координирана поддршка од САД и европските држави.
Ваквите гаранции би можеле да бидат воспоставени со посебен договор, без Украина формално да стане членка на НАТО.
Што бараат Украина и Европа?
Украина со години бара безбедносни гаранции што би ја заштитиле од повторна руска агресија. Кијив смета дека само прекин на огнот, без јасни механизми за негово спроведување и одвраќање на нов напад, не може да обезбеди траен мир.
Европските партнери, пак, бараат гаранциите да бидат правно обврзувачки и придружени со конкретни механизми за нивно спроведување.
Во документот на Коалицијата на подготвените од 19 ноември се наведуваат неколку можни елементи на идниот безбедносен аранжман:
- долгорочна воена, финансиска и техничка поддршка за Украина;
- американски предводен механизам за следење и верификација на прекинот на огнот;
- европски предводени мултинационални сили за Украина, со поддршка од САД;
- присуство и мерки за обезбедување на украинскиот воздушен простор, морето и копнената територија;
- правно обврзувачка обврска, согласно националните процедури, за преземање мерки за обновување на мирот и безбедноста во случај на нов вооружен напад од Русија.
Сепак, берлинските разговори отвораат повеќе клучни прашања. Дали САД ќе имаат обврска за директна воена помош или гаранцијата ќе се заснова на испорака на оружје, разузнавачка поддршка и економски мерки, кој ќе ги спроведува гаранциите, што ќе се случи ако има нов руски напад, дали воопшто Москва ќе се согласи на поставените услови и како ќе се реши статусот на украинските територии.
Б. Јордановска












