На 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, ЦИВИЛ отвора прашање што оди подалеку од осудата на насилството: Зошто насилниците избегнуваат казна и кој е одговорен за неказнивоста?
Насилството врз жените не е само проблем на поединечни семејства или изолирани случаи. Тоа е сериозно кршење на човековите права и прашање на безбедноста, правдата и институционалната одговорност.
Кога жена пријавува насилство, таа очекува заштита, а не нови закани, понижување или бескрајни институционални процедури. Кога постојат докази за насилство, јавноста очекува ефикасна истрага и правична судска постапка, а не одолговлекување и неказнивост.
Кој е одговорен кога институциите не реагираат навремено? Кога пријавите се потценуваат? Кога жртвите остануваат незаштитени, а насилниците продолжуваат со закани и напади?
Одговорноста на институциите не завршува со соопштенија, кампањи и декларативни заложби. Потребни се конкретни мерки, превенција, заштита, ефикасни истраги и доследна примена на законите.
Затоа, денешното ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ на ЦИВИЛ гласи:
Зошто насилниците избегнуваат казна – и кој е одговорен за тоа?
Ги повикуваме граѓанките и граѓаните да споделат мислења, искуства и предлози. Каде потфрла системот? Што мора итно да се промени? Кој треба да понесе одговорност?
Ниту една жена повеќе жртва на насилство. Ниту еден насилник неказнет.
Правда, заштита и крај на неказнивоста!
Редакција ЦИВИЛ МЕДИА
Светот против насилството врз жените и девојчињата: Правда, заштита и крај на неказнивоста












