„Претходната Влада не работеше на компромис и прашањето за името од географско, го претвори во идентитетско. Се надевам дека ќе разговараме за името што ќе доведе до решение“, рече министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, по денешната средба во Атина со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.
„Грција цврсто го поддржува територијалниот интегритет на државата, без интервенции од трети страни. Ние сме против санкции кон нашиот сосед. Знаеме дека нашиот сосед сака да биде член на разни организации, ние сме подготвени, но прво, мора да се реши прашањето за името“, додаде Коѕиас.
Шефот на македонската дипломатија Димитров ја оцени средбата како пријателска и срдечна.
„Ја барам поддршката од грчката Влада и од јавноста, ни треба поттик за патот по кој сакаме да чекориме, немаме скриени агенди и сакаме да бидеме пријател со вашата земја“, рече Димитров,
Тој истакна дека приоритет на државата се ЕУ и НАТО, но и воспоставување на добрососедски односи со сите соседи.
„Задача на дипломатијата е да отвора мостови, затоа сум прво во Грција. Да се свртиме кон иднината, мислам дека можеме подобро, сите на Балканот, од ова што го правиме. Ќе продолжам да давам аргументи на нашиот повлијателен јужен сосед дека со градење на демократија, ќе влеземе во ЕУ и во НАТО. За отворањето на патот може да придонесе и затворањето на главното прашање. Патот нема да биде лесен, земјата е натапкана како бетон, и ќе треба многу да работиме“, додаде Димитров.