Едно лице загина, а десетина се повредени кога возило прегази пешаци во близина на џамија во северен Лондон. Полиција го истражува случајот како потенцијален терористички напад.
Инцидентот се случил ноќеска, 20 минути по полноќ, непосредно по завршувањето на Рамазанската молитва, кога голема група муслимани ја напуштале џамијата во Финсбури парк.
Според очевидци цитирани од агенциите, во возилото имало тројца мажи, од кои двајца успеале да избегаат, а третиот, 48-годишен маж бил уапсен и одведен во болница како мерка на претпазливост. Врз него ќе биде извршена и проценка на менталното здравје. Претходно, возачот бил задржан од граѓани до доаѓањето на полицијата.
Џамијата во чија близина се случи инцидентот, своевремено била поврзувана со радикалната муслиманска идеологија, особено по нападите врз САД на 11 септември 2001 година. Таа била затворена, а потоа се реорганизирала и не била поврзувана со некакви екстремистички погледи.
Британската премиерка Тереза Меј изрази жалење за како што го оцени, „страшниот инцидент“. Лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин изјави дека е „тотално шокиран“.