Државната администрација, превработеноста, стручноста и компетентноста на вработените административци се тема на истражувањето на Центарот за управување со промени, како дел од проектот „Следење на административна правда“ што се спроведува со поддршка на Британската амбасада во Скопје.
Фокусот на теренското истражување „Ставови и перцепции за јавната админстрација“ е насочен кон ставот на граѓанките и граѓаните токму за оваа тема, а истражувачите се поттикнати од реалната потреба за неопходни промени за подобрување на функционирањето на администрацијата.
На прашањето што е најголем проблем при вработувањето во државната и јавна администрација, 8,6 % од граѓаните сметаат дека вработените ги застапуваат интересите на политичките партии, а високи 51,9% сметаат дека итно се потребни промени во администрацијата.
32,3% од испитаниците сметаат дека бројката од 128.000 вработени во државна администрација е превисока, а 35,3% се неопределени кога станува збор за стручноста и компетентноста на вработените.
Ставовите на граѓаните, според истражувањето, јасно говорат дека Република Македонија, во изминатите години, не успеа да создаде професионална администрација, надвор од влијанијата на политичките партии, а која ќе биде во состојба да им служи на сите влади со подеднаква лојалност, а во интерес на граѓаните.