пишува: Сашо Орданоски
[dropcap]Н[/dropcap]а вчерашниот митинг во Кочани Груески ветил дека, по 15 октомври, ќе настапела „нова ера и нов живот“ во Македонија. Чекајте, сега, не може два животи да водиме, оној што го ветува Заев и овој на Груевски! Многу ќе ни дојде, и едниов тешко се издржува. Па, можеше Грујо и нешто поинвентивно да смисли од копирањето на изборниот слоган на СДСМ! Или му е таква каша во главата, што кога сака помпезно да каже „ера“, некако му се провнува да изговори „живот“, како Заев да му се има населено меѓу ушите, што не може од памет да го извади!
И не е друго прашање – туку е прво – како може со истите градоначалници како и во изминатите десетина години, небаре уште од социјализмот, и со истиот претседател на партијата – Груевски – да се стартува нешто ново, особено толку големо како „ера“?!
Жарко Трајановски тврди дека креаторот на овој слоган за „новата ера“ е генијалец бидејќи, отприлика, успеал на болниот Груевски да му ја погоди месијанската социопатска дијагноза зашто вистинската нова ера стартува од раѓањето на Исус; а и дека сите ние нормалните ќе се израдуваме, бидејќи ќе има за што да го заебаваме Грујо до избори. Јас, сепак, мислам дека некој глупак му ја смислил предизборнава кампања на нереформираново ВМРО, бидејќи уште при нејзината промоција некни, на конвенцијата во „Борис Трајковски“, половина сала стана и си замина. Пусти Грујо, како самиот да е одвеан од ветерот, во полупразната сала мавташе со некаква книшка во рацете, претпоставувам завештанието за доаѓањето на „новата ера“ – тоа ти е, хартија трпи сè! – правејќи провев од кој и Амди Бајрам беше скриен на крајот од редот за да не настине, а само Стевчо и Титовите леви сили, со шалче на вратот, храбро се беа истопориле во првите редови пред налетот на новава ера… Тоа се, богами, сериозни ликови, за сериозен нов почеток. На крајот.
Таман: „Нова ера“ е дури и подобар наслов од „Нов живот“ за водење успешно погребно претпријатје: горе „Нова ера“ со ангелче со харфа во рацете, долу „Грујо и роѓаци“ со лопата во потписот. Венците за првите сто среќници се бесплатни, куќа части! Слава им.
А мене деновиве ми се стори дека „новата ера“ веќе е започната: СДСМ потврди дека ниту еден нивен државен функционер, вклучувајќи го и Заев, не користи службен, државен автомобил за одење по партиски предизборни митинзи. Простете, не следам баш прецизно кој што ветува по митинзите, но јас мислам дека ако ова стане нов стандард во предизборното однесување на политичарите во Македонија, изборите би можеле веќе утре и да завршат. Ни требаа 27 години по падот на комунизмот, за да дочекаме елементарните правила на однесување во демократијата и правната држава да почнат да се остваруваат и кај нас. Слава ни.
Преземање на оваа содржина е дозволена само по 11 часот, на денот на објавувањето. Потоа, важат вообичаените правила според лиценцата Creative Commons 1.0.