За 31 јануари следната година е одложено судењето за предметот на СЈО „Траекторија“. На денешното рочиште не присуствуваше поранешниот премиер и доскорешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој како што рече судијата Горан Бошевски, уредно бил поканет. Груевски пристигна во судот 15-тина минути, откако рочиштето беше одложено.
Во случајот „Траекторија“ обвинети се Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Тие се осомничени дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.
Ново рочиште за „Траекторија“ судијата закажа и за 14 февруари.
Иако претходно, како што беше најавено на веб страната на СЈО, денеска рочиште не се одржа за предметот „Труст“, во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.
Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.
Следното рочиште за „Труст“ треба да се одржи на 18 јануари следната година.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.