Македонската филхармонија ќе прати приговор до Комисијата за музичко-сценска дејност при Министерството за култура за направени пропусти во одобрувањето средства за, како што наведува – „непостоечки проекти во програмата на институцијата“.
Одлуката денеска на вонредна седница ја донел нејзиниот Управен одбор (Бранка Костиќ-Марковиќ – претседател, и членовите: Фросина Балова, Лада Шоптрајанова-Петровска и Александар Стојчески), на која присуствувал и в.д. директорот, Виктор Илиески.
Директорот на Македонска Филхармонија, Виктор Илиески, за АКО.мк изјави дека програмата за работа и концерти на Македонска Филхармонија веднаш по неговото доаѓање на чело на институцијата, е ревидирана и доставена навреме до Министерство за култура. Во оваа програма го нема името на бендот Bernays Propaganda, кој пак е наведен во апликација поднесена од претходната директорка Маја Чаначевиќ за заеднички концерт, но без нивна согласност. Врз основа на оваа апликација комисијата која одлучувала во Министерство за култура, донела одлука да и се додели на Филхармонија 4.000 евра за концерт којшто, како што е наведено, треба да се одржи на 27 април.
Актуелниот директор Виктор Илиески се оградува од целиот случај и постапки на претходната директорка.
Приговорот ќе биде пратен поради, како што соопштуваат во дописот, констатираните разлики меѓу усвоената годишна програма на Македонската филхармонија од страна на Управниот одбор на установата и објавените резултати од Конкурсот на Министерството за култура за проекти од национален интерес во културата во 2018 година.
По објавувањето на Програмата со прифатени проекти на 10 февруари, реагираа и други поединци и институции од различни дејности кои не се задоволни од начинот на распределба на средствата.
Дехран Муратов