(поттикнат од пост на Фејсбук)
Полицаецот не е гад. Тој само работи според законот. А може да се каже дека законот е гаден штом пропишал предимство на политичка делегација пред амбулантно возило кое брза да спаси живот.
Да образложиме: Доколку полицаецот го пропушти амбулантното возило, лекарите ќе спасат живот или два. Но, доколку делегацијата се брза да реши суштествено прашање за земјата, тие спасуваат животи на цела земја. Логично, нели?
Е сега, тоа што ние немаме доверба во нашите политичари и сметаме дека не се по вредни од нас, тоа е башка муабет. Да беше Тито во делегацијата, и болниот ќе застанеше. Но во парламентарни држави каде претседателите немаат одлучувачки улоги во политиката, никој не сака да им застане.
И со право. Нелогичен е парламентарниот систем. Не знам чуму трошење државни пари за функција без моќ? Или дајте му лидерска улога или кога веќе ставате кукла што не ја прашувате за мислење – ставете некој манекен, барем да го личи кога нè преставува во меѓународните кругови. Во спротивно, не трошете пари џабе, пари со кои можат да се исплатат уште стотина социјалци, да се платат операции на деца во странство, да се опремат училишта или болници итн.
Ама тоа е од почеток така и тешко дека ќе се смени. Некој 10 години на црвено не застанувал и пак доцнел на состаноци, а од толку што му се тргале сите од патот, сега не може од суд да излезе, па замисли од затвор. Други пак од тоа време бесправно следени, обвинувани, осудувани, обележани, со животи економски уништени, со здравје потрошено за оваа држава, до толку упропастени што за нив Животот прашање е дали некогаш ќе дојде. Е поради многу такви реални примери граѓаните немаат доверба во политичарите и во законите, па со право тоа достоинство и совест што им останале неукрадени не им дозволуваат да дадат предност на политичарите над сограѓаните кои се во животна опасност.
Да не се разбереме погрешно, овие редови не се политички обоени, не завземаат страна, туку се критика за сите политичари и за законите кои се во само нивна корист а на штета на граѓаните. А наместо само да зборуваат, граѓаните треба да ја земат топката во нивни раце, да се едуцираат за системот и за начинот како сите гадни закони да ги сменат во своја корист, без пардон и без незаслужни привилегии за политичарите.
Јасмин Реџепи