Македонското здружение на млади правници (МЗМП) информираше дека Основниот суд Скопје II Скопје, во постапка поддржана од МЗМП, како дел од Проектот на УСАИД за заштита на човековите права донесе првостепена пресуда со која се утврдува дека Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство на РМ како тужен, сторило дискриминација по основ на политичка припадност во областа на работните односи.
Со пресудата се забранува министерството да презема дејствија т со кои се врши дискриминација и се задолжува да ги преземе сите потребни дејствија со кои ќе ја отстрани сторената дискриминација и да му исплати на тужителот правичен надомест за нанесената душевна болка предизвикана поради повреда на правото на еднаков третман.
Како што информираат од МЗМП, подносителот на тужбата бил вработен во министерството и истовремено бил политички активен како претседател на општински под-огранок на политичка партија и бил вклучен на листата на советници на локални избори.
Во текот на своето работење, велат од МЗМП тужителот своите работни задачи ги извршувал непристрасно, објективно и за своето работење бил оценуван со „се истакнува“ и „задоволува“. Тој добил и решение за распоредување на пониска позиција иако истиот исполнувал услови за повисока позиција од причина што во меѓувреме завршил високо образование.
Истиот повел постапка за оспорување на донесеното решение. Од друга страна, од неговите колеги биде распореден времено да ги извршува работните задачи во подрачна единица на министерството надвор од градот во кој живее во несоодветни услови за канцелариска работа. По распоредувањето на тужителот, на неговото работно место било вработено лице со различна политичка припадност од онаа на тужителот и член на владејачката партија. Раководното лице исто така било со различна политичка определеност од тужителот.
Судот при донесување на пресудата на 27 февруари 2018 година го применил член 9 од Уставот на РМ, согласно кој граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите, одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за работни односи.
Македонското здружение на млади правници смета дека оваа пресуда е од големо значење затоа што се работи за прва првостепена пресуда каде се утврдува дискриминација по основ на политичка припадност.
Б.Ј.