Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во нардните два дена ќе присуствува на Меѓународната конференција „Реформите на безбедносниот систем како предуслов во евроатланските интеграции“ во Охрид.
“Свесноста за потребата од реформи, независно за кој општествен сегмент станува збор, е во суштина доказ за квантумот на одговорност, на зрелост, на волja на сите општествени чинители за динамично и квалитативно надградување на сите општествени системи. Реформите мора и треба да се разберат првенствено како нужност а во името на воспоставување повисоки, поефикасни, пофункционални општествено вредности и стандарди. Неопходност од која директно зависи стабилноста, развојот и перспективите на кое било општество“, изјави Спасовски на отворањето на конференцијата.
На конференцијата присуствуваат професори од над 15-тина земји меѓу кои од Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Германија, Белгија, Бугарија, Словачка, Турција, Србија, Хрватска, Словенија, Обединетите Арапски емирати, Косово и други, а целта е да се поттикне академската заедница во изнаоѓањето решенија за идната поставеност на безбедносните системи со цел ефикасен одговор на современите ризици и заканите по безбедноста, односно дестабилизирачките фактори кои создаваат состојби на конфликти.
Конференцијата е во организација на Факултетот за безбедност-Скопје, со поддршка на Фондацијата „Ханс Зајдел“ од СР Германија и Комората на Република Македонија за приватно обезбедување, и под покровителство на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.
МЛ