Младинскиот Сојуз – Крушево своето 19 години активно работење го одбележа со неконвенционален настан со цел поврзување на заедницата на Младински Сојуз – Крушево, членови, активисти, волонтери, партнери и донатори за заедничко споделување на искуството и достигнувањата од долгогодишната работа на сојузот.
На сесијата “Ајде да зборуваме за демократија” учествуваа Џабир Дерала од ЦИВИЛ, Дона Костуранова од МОФ, Александар Кржаловски, МЦМС и Методија Стојчески од Младински сојуз-Крушево.
Колку граѓанското општество и младите беа дел од промените и колку ја поддржаа и помогнаа во подигање и развивање на демократската свест, каде бевме и каде сме сега во демократски процеси беа прашањата на кои одговор се обидоа да дадат учесниците на панелот.
„Долго време молчевме, долго време дел од нас калкулираа, дел беа немоќни, а дел беа комфорно сместени, задремани, во своите соништа… И во еден момент како гром од ведро небо, во една таква, зачмаена Македонија, удри гласот на младите луѓе што излегоа на улица и кажаа стоп! Најпрвин за лошите реформи во образованието, кажаа стоп на она што им се случува дека не можат веќе да го толерираат, дека не сакаат веќе да го толерираат. Истовремено понудија и решение. На македонското општество студентите и средношколците му одржаа добра лекција по демократија“, истакна Џабир Дерала.
„Јас ќе се навратам на првите масовни, големи студентски протести во државата. И тие беа поврзани со образование, односно со проблемот младите луѓе да имаат високо образование на албански јазик. И тие протести, тоа движење, баш така, случајно излезе да биде националистичко, да биде опресивно кон малцинствата… и затоа кога дојде следното младинско движење беше освежувачки затоа што не се базираше на национализам туку на соживот. Студентскиот пленум ги разбуди сите, но и си ја оствари целта… Тие скршија една предрасуда дека младите се апатични и незаинтересирани…“, рече Дона Костуранова.
„Вредностите на демократскиот систем доста паднаа. Владата на ВМРО-ДПМНЕ се фалеше со економскиот развој, дека во последните десет години сме граделе демократско општество, а од друга страна, според индексите за слобода на говор, медиумска слобода, слобода на здружување , по сите тие параметри што ја чинат демократијата, само паѓавме надолу, а во последните неколку години се зголеми и корупцијата, а тие ги дискредитираа извештаите. Иако сѐ функционираше навидум демократски, ВМРО-ДПМНЕ ги искористуваше механизмите и ги злоупотребуваше за сопствени цели… Дополнително медиумската хајка придонесе битно да се влијае на мислењето на луѓето и да се заробат умовите на граѓаните…“, рече Александар Кржаловски.
Преку примерот за дебата, аргументирањето и контра аргументите, Кржаловски ја илустрираше поларизацијата во општеството. Кржаловски ја истакна улогата на МЦМС преку програмата на Цивика Мобилитас, но и ја раскажа неговата приказна и искуството со ЦИВИЛ низ годините, како организација што аргументирано му го сменила мислењето за нејзината улога во општеството и придонесот кон демократијата.
„Без резерви и предрасуди ќе кажам дека ЦИВИЛ се веројатно една од најдобрите организации во Македонија, а сега и едни од најдобрите грантисти на Цивика Мобилитас и научив многу за нивната работа“, изјави Кржаловски.
„На младите луѓе треба да им дадеме чувство на сопственост. Тие се решаваат да ја напуштат државата затоа што не ја чувствуваат како своја, туку ја доживуваат како нешто да им зема, им зема данок, но и права и слободи, ги ограничува… Младинскиот сојуз максимално ќе се потруди да ги менува работите на подобро… ќе се бориме да ги надминеме предрасудите и стеротипите“, истакна Методија Стојчески.
Во тек е сесија на која учествуваат градоначалници од неколку општини во Македонија кои зборуваат за младинските политики и со што тие да придонесат за младинско делување во нивните заедници.
Биљана Јордановска