Денот на партиската сцена започна со фалба на СДСМ за економските политики и странските инвестиции, во контекст на приближувањето кон ЕУ.
СДСМ соопшти дека економијата се движи во нагорна линија, расте извозот, индустриското производство, поголеми плати и зголемување на странските инвестиции.
Како поткрепа на овие тврдења ги споделија информациите за извозот на стоки од Република Македонија во првите шест месеци од 2018 кој бележи раст од 26,5 проценти и индустрискиот раст од 12.1 проценти.
„Според официјалните податоци објавени од Државниот завод за статистика, просечната нето плата во мај оваа година изнесува 24.509 денари, што е за 7,1 отсто повеќе во споредба со истиот месец од 2017 година“, стои во соопштението на СДСМ.
И за да не се заборави успешноста на Владата, на маргините СДСМ ги потсетува граѓаните да го кажат историското „Да“ на референдумот, од кој зависат и ЕУ и НАТО, а последователно и подобрување на горенаведените резултати на Владата.
Но, оваа не е доволно за опозицијата која денот го започна со опширно соопштение за, како што велат, несовесното работење на Владата, односно на Зоран Заев и државните функционери на СДСМ.
Фокусот на нивното кампањско соопштение, најверојатно од сега па натаму под мотото „Победа за Македонија“, се злоупотребите на службената должност и службените автомобили, криминалните тендери и грантови, продажба на државата преку Договорот со Грција…
„Заев залудно се обидува да го продаде името, историјата, јазикот, традицијата и културата кога оние функционери кој тој ги поставил користат армиски хеликоптери за да одат по ручеци, а службените возила на полицијата служат како автобуси од туристичка агенција“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ
Заклучокот на крај е дека патот кон евроатланските интеграции е возможен само со заминување на Зоран Заев од политиката.
Заклучокот на СДСМ е дека ние сме на добар пат кон евроатланските интеграции, а за тоа заслужен е токму Зоран Заев.
И додека едни партии ревносно се борат за бојкотирање на Референдумот како услов токму за влез во ЕУ и НАТО, други со иста ревносност се борат за излезност и позитивен исход од гласањето на 30 септември. Во контекст на истото прашање за промена на името поделена е и Македонската дијаспора.
На пример, Форумот за демократска Македонија го поздрави долгоочекуваното распишување на Референдумот за Договорот за името со Република Грција и остро го осуди блокирањето на распишувањето на референдумот од опозицијата.
„Форумот изразува одредени резерви околу консултативната природа на претстојниот референдум која има за цел да го неутрализира евентуалниот бојкот. Неизјаснувањето на граѓаните на овој референдум претставува легитимно демократско право, исто како и директното изјаснување со гласање „за” или „против”, се вели во соопштението ФДМ заедница на иселеници од Република Македонија и нивните потомци од целиот свет.
„Форумот строго ги осудува сите обиди на одредени иселенички организации да го моноползираат дијаспорскиот дискурс и да го прикријат разногласието во дијаспората за ова клучно политичко прашање“, децидно велат од ФДМ.
Дијаспората поделена, граѓанките и граѓаните во Македонија поделени, а сите убедени дека референдумот ќе се реализира, според сопствените очекувања.
Биљана Јордановска