Твоето ненадејно заминување од светот на македонскиот театар остави место што никогаш нема да биде пополнето, зошто твојот уникатен талент и актерското мајсторство не можат да се копираат. Ванчо, му остави непроценливо наследство, особено на Драмски театар, со твоите неповторливи ролји, истакна в.д. директорот на Драмскиот театар-Скопје Сашо Тасевски на комеморацијата за актерот Ванчо Петрушевски, кој почина завчера во скопското село Орешани.
„Заедно со твојот Гоце, со Ѓокица, Дади и Мешко, со Кате и Милица, Ненад, Коле, Чоре и останатите бардови на Драмскиот театар испишавте историја и оставивте голем аманет за наредните генерации македонски глумци“, рече Тасевски.
Според него, Ванчо секогаш ќе биде втемелен во сеќавањата на неговите колеги и во колективната меморија на македонскиот народ.
„Драмски ти благодари за твојот блесок и твоето присуство на нашата сцена и зад нејзините кулиси во изминативе 40-тина години. Вечна ти слава“, рече Тасевски. (МИА)