На конференцијата #АкцијаИнтеграција, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ зборуваше и за плановите на Општината во врска со демонтажата на „Скопје 2014“, проект кој тој го нарекува желботека.
Богдановиќ истакна дека за да се рачисти со „Скопје 2014“ потребно е да се исполнат неколку точки.
„Се започнува од тоа ‘дајте тргнете ги да не ги гледаме’, но потоа доаѓате до моментот ‘да ги вратат парите’, значи дека треба да докажете дека тоа што е направено е или не е во согласност со јавната набавка која тогаш била спроведена, па дали одлуката, односно средствата биле транспарентно донесени, потоа дали планот којшто е исцртан е согласно одредени критериуми. Најлесен е делот со булдожерот, сруши се и расчисти, но со тоа се уништува доказен материјал којшто се уште се испитува…“, вели Богдановиќ.
Тој изјави дека покрај градбите дополнително се занимаваат и со целата обемна документација, која изминатиот перод морале да ја архивираат како доказен материјал.
„Скопје 2014 година е монструозен план бидејќи е изведен како желботека, кој сакал хотел, кој сакал споменик… Но најинтересната ситуација е што „Скопје 2014“ како проект не постои. Зошто? Затоа што за поставување на споменици од национален интерес е одговорно Собранието на Република Македонија. Претпоставувам дека процедурата е заобиколена затоа што се гласа со бадентерово мнозинство. Исто во Град Скопје се гласа со бадентер, повторно се заобиколува процедурата и се е работено преку Општина Центар. Но не е како цел проект изгласан, донесен, ставен во одредена програма. Се е со една одлука на Влада, една одлука на Министерство и така натаму…“, изјави Богдановиќ.
М. Ивановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста