Осудениот поранешен премиер Никола Груевски преку Србија стигнал во Унгарија, а српски четници го обезбедувале до Хоргош, откри во емисијата „После ручек“ на Happy ТВ претседателот на СРС, Војислав Шешељ.
„Кога нашиот брат Груевски се појавил на српската граница, го прифатиле српските четници и тие го обезбедувале се до Хоргош, а таму во 5 часот наутро 12-ти ноември преминал во Унгарија, истакна Шешељ.
Лидерот на радикалите Шешељ е познат по своите контроверзни ставови за македонско-српските односи. Меѓутоа по неуспешниот референдум за името во Македонија, тој изјавил дека повеќе нема да го оспорува македонскиот идентитет и нација.
Дека Србија е братска држава покажува и случката кога пред точно три години на Београдскиот аеродром, српските полициски службеници пронашле пиштол во торбата на екс-директорот на УКБ, Сашо Мијалаков. За тоа досега никој не понел одговорност, иако тогашната опозициска партија СДСМ бараше да се расчисти случајот и некој да одговара за пропустот.
Д. Муратов