Маргаритис Шинас, портпаролот на ЕК, изјави дека од владеењето на правото не може да се избега и дека Унгарија како земја членка на ЕУ и Македонија земја кандидат за членство, треба да го штитат владеењето на правото.
„Ова е одлука на судија, ние не коментираме судии. Ова е судски процес. Но како што комесарот Хан кажа вчера и Комисијата се согласува со комесарот Хан дека дури и ваков вид на одлуки треба да се објаснат“, изјави Шинас.
Европската комисија потврди дека го добила писмото од европратеникот Бенедек Јавор во кој тој бара одговор од еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулост за легалноста на одлуката за азил на Унгарија.
Никола Груевски се појави на насловната страница на унгарскиот магазин „ХВГ“, со прашањето: „Зошто Орбан го крие македонскиот бегалец?“, и плакатите од насловната страница се залепени насекаде по Будимпешта.
Унгарија сè уште не потврдила официјално дека му одобрила азил на Груевски, а од ЕК велат дека тие ниту пак имаат обврска тоа да го стори.
Унгарските власти на Европската Комисија и порачале дека имаат обврска да го информираат Високиот Комесаријат за бегалци на Обединетите Нации.
СЈО поднесе две обвиненија за случајот „Талир“, од кое едното е за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, а другото за изградбата на партиската централа во центарот на Скопје.
СЈО поднесе обвинение против шест лица за незакнско полнење на партиската каса и тоа против Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска.
Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова побара притвор за сите обвинети во предметот „Тракеторија“, меѓу кои е и бегалецот екс-премиер Никола Груевски, кој се наоѓа во Унгарија каде доби политички азил.
Стефанова истакна дека ако Груевски сакал да присуствува на судење немаше да избега од Македонија.
На денешен ден, 1908 год, во Битола заврши Битолскиот Конгрес на кој се создаде албанската стандардизирана азбука.
ЦИВИЛ активности
ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со подготовките за ЦИВИЛ Фест, кој ќе се одржи на 10 и 11 декември.
ЦИВИЛ ФЕСТ е урнебесен, високоволтажен мултимедијален 48-часовен настан во чест на граѓанското новинарство и активизмот што се одржува на 10 и 11 декември, по повод Меѓународниот ден на човековите права и 70-годишнината од донесувањето на Универзалната декларација за човековите права.
Концертни и диџејски настапи, мултимедијална изложба, поетски перформанси, видео проекции, презентации, церемонија за доделување на награди за граѓанско новинарство и многу дружење и забава се дел од програмата на ЦИВИЛ Фест, во организација на ЦИВИЛ, а со поддршка на National Endowment for Democracy.
А. Петровска