„Блузот е болка,
а ти ме болиш повеќе и од него“
Во една прилика пред години и години кога со мојата сопруга се забавувавме како дечко и девојка и’ ги изговорив фразиве погоре напишани во поднасловот, кога разговаравме за тоа како би можело да се склопи реченица која ќе ја надмине нејзината автентична суштина. Ако блузот е болка, тогаш ти ме болиш повеќе и од болката, беше моето образложение на нашата прозаично – поетична комуникациска игра.
Милена во мојот живот дојде како блузер(ка). Инаку таа е граѓанска активистка, која веќе со години исто како и многумина од нас ги исшпартаа улиците на Скопје борејќи се за подобро утре во она невреме во кое живеевме. Зборувавме за болка бидејки тоа беше период кога живеевме, не, не, тоа не беше бреме, тоа беше невреме, и ние моравме да го издржиме незаштитени. Од тие причини и го заокружив се епитетот – невреме.
Како и да е, темата на ова кратко четиво не е невремето во кое живеевме ние, темата е блузот и неговиот активизам преку музиката во годиниве кои се зад нас.
Ако треба да се бараат сите одговори за успехот на блузерите од она време, тоа без сомнение е одлично спакувано во филмот „Cadillac Reccords“ во режија на Дарнел Мартин со Адријан Броди, Џефри Рајт и Бијонсе во главните улоги.
Адријан Броди се јавува во улогата на Ленард Чес, односно сопственикот на Чес рекордс, издавачката куќа која ќе ги лансира сите блузри до небесна слава, потоа Џефри Рајт, кој се јавува во улогата на кралот на блузот Мади Вотерс и Бијонсе која се јавува во улогата на незамнливата Ета Џејмс.
Зошто го одбрав и блузот како тема.
Бидејки тој е болка.
Се разбира тоа првенствено е заради загрозување на основните човекови права (за кои ние денес како граѓански активисти гласно се бориме) на кои и тоа како им беа одземени на сите оние луѓе со црна боја на кожата во почетокот на дваесеттиот век во САД, заробени по полињата доминатнтно во Њу Орлеанс и околината и во јужниот дел на државата, каде што од болка додека го собираа памукот казнети заради ништо, ја врескаа сопствената тага преточена во музика, во блуз. Од тие памучни полиња каде што беа „казнетите“ дојдоа и големите блузерски имиња кои оставија траен печат во историјата на музиката опевајки ја сопствената болка која ги следеше долго време насекаде од онаа страна на барата. Да, тие не беа активсти, онакви какви што се денес модерните граѓански активсти кои гласно говорат за човековите права, беа музички артисти кои низ својата музика ја раскажаа приказната на неосновано казнетите, кои треба да добијат трајно извнивуање од потомците на оние кои тоа им го нанесоа.
Гореспоменатите: Мади Вотерс, Ета Џејмс, потоа, Литл Волтер, Хаулин Вулф, Чак Бери, Вили Диксон, се само дел од плејадата артисти кои Ленард Чес ги собра во своето студио – Чес рекордс во Чикаго и пркосејќи му на системот ја создаде револуцијата наречена блуз, со која денес историјата на таа земја се гордее како со свои синови.
Подоцна низ годините се појавија и други блуз артисти кои немаа идентична боја на кожата со оние кои Ленард Чес ги собра во своето студио, но, кои сепак оставија и тоа како голем печат во музичката историја, како што е на пример, Боб Дилан кој се прослави со песните „The Lonesome death of Hattie Carrol“ и „Blowin’ in the wind“, кои стануваат химни на движењето за граѓански права.
* * *
Нашата борба која ќе биде поставена на фестивалот ЦИВИЛ ФЕСТ, борба за СЛОБОДА. ЕДНАКВОСТ. ПРАВДА. е подавање рака на сите оние обесправени категории на граѓан(к)и / артист(к)и / музичари и воедно е и ветер во грб за целокупниот нивни граѓански активизам кој „ЦИВИЛ“ недвосмислено го поддржува кај сите вакви здруженија кои размилуваат во оваа насока. Да се создава музика со која ќе се демонстрира свесеност во едно општество и тоа како му е потребно на секое општество во ова време. Оние кои создаваат будност за борба и не’ освестуваат сите нас каде живееме и кој е околу нас, безрезервно треба да му се даде и простор и време за да создава. Тој е вистинскиот крик на денешнината.
Тука не смееме да застанеме другари, напротив, мораме да бидеме уште поагресивни во создавањето подобро утре за сите.
Создавајте музика. Создавајте уметност. Бидете гласни.
Нашата заедничка цел е да бидеме дел од промената.
[divide]