Здружението Млади Европски Федералисти – Македонија (ЏЕФ Македонија) го поздравува усвојувањето на уставните амандмани со цел имплементација на Договорот од Преспа помеѓу Република Македонија и Република Грција. „Со овој чекор се става крај на речиси тридеценискиот спор со Република Грција – клучна пречка во остварувањето на евроатланските аспирации на нашата држава. Оттука, ЏЕФ Македонија ги повикува грчките власти во духот на добрососедските односи, европската соработка и федерализам доследно да го спроведат својот дел од обврските кои произлегуваат од овој Договор“, се вели во соопштението на ЏЕФ.
Истовремено, ЏЕФ Македонија изразува разочараност од отсуството на национален консензус за ова, за државата и граѓаните, важно прашање. Оттука, ги повикуваат сите општествено-политички чинители на разумност, трезвеност и одговорност.
„Дополнително, потсетуваме дека нашата “домашна задача” се уште не е завршена. Република Македонија допрва треба да испорача видливи, опипливи и кредибилни резултати во реформите на правосудството, јавната администрација и безбедносно-разузнавачкиот систем, како и во борбата со високата корупција и организираниот криминал. Исполнувањето на овие задачи се пред се за добробитта на граѓаните и развој и зацврстување на институциите, владеењето на правото и доброто управување“, велат од ЏЕФ.
Б. Ј.