Паралелно со претседателските избори, во април годинава, во општините коишто во моментов се раководат од в.д. градоначалници како Дебар, Охрид и Ново Село, ќе се одржат и предвремени локални избори.
Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека за ова се прегледуваат сите законски рокови. На вчерашната прес конференција во Собранието, Џафери соопшти дека сега веќе се пред одредување на датумот за одржување на претседателските избори коишто ќе бидат одложени за седум дена од претходните најави заради Велигденските празници. Според Џафери, првиот круг на претседателските избори ќе се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај.
„Во координација со политичките субјекти, првично беше замислено претседателските избори да се одржат на 14 април и вториот круг да се одржи на 28 април. Бидејќи 28 април се поклопува со Велигден како верски државен празник, сугестиите се првиот ктуг да се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај бидејќи до 12 мај треба да се завршат сите припреми и одлуки од ДИК“, изјави Џафери.
А. З.