Податоците за врсничкото насилство во Северна Македонија покажуваат дека станува збор за распространета појава која се движи од навреди, исмевање и социјално исклучување, преку физичко насилство, до закани, понижување и малтретирање преку интернет.
Според најновата анализа на состојбата на децата и адолесцентите на УНИЦЕФ, 19 проценти од учениците во земјава во 2022 година пријавиле редовно малтретирање, што е блиску до просекот на ОЕЦД од 20 проценти. Друг индикатор што го користи УНИЦЕФ покажува дека околу 23 проценти од младите на возраст од 13 до 15 години биле жртви на малтретирање од врсници барем еднаш во последните месеци. Разликата меѓу бројките произлегува од различната методологија и зачестеноста што се мери.
Уште позагрижувачки се наодите од истражувањето на Народниот правобранител спроведено меѓу 648 ученици. Дури 298, односно 46 проценти, изјавиле дека биле жртви на некаков вид насилство. За 40,7 проценти од учениците најчеста форма е вербалното насилство, а следуваат физичкото и емоционалното насилство. Како причини учениците ги наведувале демонстрирањето сила, проблематичното однесување, желбата за доминација и љубомората.
Од училницата до мобилниот телефон
Насилството повеќе не завршува со последното училишно ѕвонче. Училиштето, ходниците и дворовите остануваат централни места, но конфликтите продолжуваат на социјалните мрежи, во групните разговори и преку мобилните телефони. УНИЦЕФ предупредува дека насилството денес ги следи децата „дома, на училиште, на игралиште и на нивните телефони“.
Во истражување на U-Report од 2023 година, во кое учествувале повеќе од 400 деца и млади од Северна Македонија, 31 процент изјавиле дека доживеале онлајн малтретирање. Особено значаен е податокот дека 41 процент сметаат дека институциите не го сфаќаат онлајн насилството доволно сериозно.
УНИЦЕФ укажува дека повеќе од две третини од децата на возраст од една до 14 години во земјава се изложени на насилно дисциплинирање во домот. Насилството често е поврзано: семејното, врсничкото и дигиталното насилство можат меѓусебно да се поттикнуваат.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Има мерки – но дали се доволни?
Институциите во последните години воведуваат повеќе механизми. Постојат упатства за пријавување и заштита на учениците, прирачници за превенција и интервенција, како и законска обврска училиштата да спроведуваат програми за заштита од насилство. Во учебната 2025/2026 година МОН обезбеди финансиска поддршка за вакви програми во 26 основни и средни училишта, а во 2026 година до основните училишта почна да се доставува и нов прирачник за препознавање и справување со врсничкото насилство.
Но размерот на финансиската поддршка е како капка во морето. Од 1.071 редовни основни и средни училишта во земјата, во учебната 2025/2026 година средства од МОН добиле само 26 – 19 основни и седум средни. Тоа е околу 2,4 проценти од училиштата, при што грантовите не се наменети исклучиво за борба против врсничкото насилство, туку опфаќаат и дискриминација, зависности и други ризични појави. Во однос на распространетоста на проблемот, ваквиот опфат тешко може да се смета за системски одговор.
Народниот правобранител во извештајот за 2024 година забележува поплаки од родители дека училиштата и стручните служби не реагирале соодветно или навремено по пријавите. Во еден од случаите, институцијата утврдила дека проблематично и агресивно однесување било регистрирано уште од прво одделение, но недоволните и задоцнети мерки придонеле ситуацијата да ескалира.
Истражувањата откриваат уште една слабост: 44,3 проценти од наставниците опфатени во истражувањето на Народниот правобранител во претходните три години воопшто не посетиле обука за превенција на насилството.
Тоа покажува дека прирачници, кампањи и протоколи се неопходни, но не се доволни. Потребни се обучени стручни служби, систематска едукација на наставниците, рано препознавање на ризиците, доверливи механизми за пријавување и постојана работа и со жртвата и со детето што врши насилство.
Врсничкото насилство не почнува со навредата по мобилен телефон, ниту завршува со педагошка мерка. Најголемиот тест за системот е дали ќе го препознае проблемот пред насилството да стане секојдневие. За жал, тоа не е случај во нашата земја.
Редакција ЦИВИЛ МЕДИА
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












