Во речиси сите грчки весници вчера и денес, главната вест е Договорот од Преспа.
По најавата од грчката Влада, за објективното информирање на граѓаните, се спроведе кампања и Договорот од Преспа се достави до весниците за да го објават во целост, а во дел од денешните изданија на весниците излезе целиот текст од договорот. Главна вест во речиси сите грчки весници вчера и денес е Договорот од Преспа.
Весникот „Авги“, што важи како гласило на СИРИЗА има интервју со грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој вели дека договорот е историски чекор за двете земји, а ратификацијата е патриотска должност.
Весникот „Реал њуз“ пренесува интервју со вицепремиерот Бујар Османи, под наслов „Грција е главниот гарант за нашите евроатлантски амбиции“.
Во весниците „Етнос“ и „То Вима“, под насловите „Тајните на Преспа“ и „Во стапицата на Преспа“ се анализират последните случувања на грчката политичка сцена во пресрет на ратификацијата на Договорот.
Десничарско ориентираниот, опозициски весник „Прото тема“, пренесува резултати од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата за рејтинг „Марк“, според кое 66 % велат „не“ за Договорот од Преспа, а 67.4 % од испитаниците бараат избори најдоцна до мај.