Македонскиот народен театар денеска ќе одбележи 74 години од првата премиера на сцената, со изложбата „Од текст до претстава: македонски драми на сцената на МНТ“, со почеток од 12 часот, во фоајето на театарот.
„На сцената на МНТ од самите почетоци (третата поставена претстава е Чорбаџи Теодос, премиера: 16. 08. 1945 година) до денес постојано се поставуваат дела од македонски автори. Од досега 400 поставени/обновени претстави, над 100 се дела на македонски автори од различни генерации. Во секоја од нив на различен начин се третира секојдневнието, традицијата, митовите и приказните. Не само како драмски текстови, но и преку игра, слика – сценографија и костимографија, и дизајн – програмка и плакат. Се конструираат модели на сцена кои интерпретираат и демонстрираат вистинска театарска култура и се спојуваат/истакнуваат наративноста и комуникацијата, наивизмот и бајковитоста, сатирата и реалноста, комиката и фантазијата“, велат од МНТ.
Идејата на оваа изложба е да се прикажат авторите од различни генерации чии дела, во континуитет, постојано се прикажуваат на сцената на Македонски народен театар – Скопје. Тоа се меѓу останатите Војдан Чернодрински, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Живко Чинго, Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Русомир Богдановски, Горан Стефановски, Венко Андоновски, Дејан Дуковски и други.
Влезот за изложбата е слободен.