Работните групи на власта и опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе одржат нова средба за законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното Јавно Обвинителство.
На последната средба што беше одржана завчера во Министерството за правда немаше никакво поместување во делот на ставовите.
ВМРО ДПМНЕ побарале да се запрат сите постапки кои СЈО ги покрена 18 месеци по формирањето на Обвинителството, а доказите за овие случаи да се уништат.
„Барањето на ВМРО-ДПМНЕ е, се што е покренато 18 месеци од формирањето на СЈО да биде прекинато. Сите докази, не само снимките, туку и сите материјални докази коишто се собрани да не се користат и да бидат уништени“, изјави министерката за правда, Рената Дескоска.
Таа додаде дека црвената линија која не смее да се премине се однесува на продолжувањето на гонењето за сторени кривични дела и она што не може да биде прифатено во ниту еден случај од страна на Министерството за правда е внесување на одредби кои ќе значат скриена амнестија за одредени сторители на кривични дела.
Она што според Дескоска веќе е кристализирано е дека СЈО ќе биде посебен орган, но, сепак остава простор, затоа што прашањето не е целосно затворено, односно се уште е во фаза на постигнување на договор.
3Според последниот предлог што се разгледува е да се формира комисија составена од републичкиот јавен обвинител и уште двајца обвинители кои ќе одлучуваат кои од предметите ќе ги работи Обвинителството за организиран криминал, а кои СЈО – но останува клучно дали распределбата ќе важи и за предметите за кои СЈО има покренато истраги и обвинија и по истекот од 18 месеци.
Преговарачот од редовите на опозицијата Тони Менкиноски потврди дека ВМРО ДПМНЕ бара да прекинат сите постапки кои СЈО ги презело по 18 месеци и дека нема да отстапат од ова нивно барање.
„Тој дел за нас е неприфатлив. Законот тоа го предлага, не можеме ние да работиме надвор од Законот. Се знае, до 30 јуни 2017 година, СЈО има мандат – по овој рок, не“, изјави Менкиноски, додавајќи дека неговата партија се залага за почитување на правото, владеењето на правото и почитување на човековите права.
Овој закон е еден од приоритетите и условите што Брисел ги бара за да се потврди подготвеноста на земјата за борба против организираниот криминал и тој мора да биде донесен пред да се затвори Извештајот на ЕК, односно до крајот на овој месец.