ЈСП Скопје соопшти дека одлучило да им дозволи влез на кучиња придружници на лицата со посебни потреби во автобусите на претпријатието и во кабините на Жичарницата.
ЈСП Скопје им дозволи влез во автобусите и во кабините на жичарницата, на кучињата придружници на лицата со посебни потреби.
„Одлуката е донесена со оглед на фактот дека кучињата придружници им се од голема помош на посочената категорија лица, имајќи во предвид дека тие им се од голема корист како дополнително помагало во извршување на секојдневните обврски и активности“, велат од ЈСП.
Од ЈСП апелираат до корисниците на нивните услуги да се воздржат од негативни реакции доколку се доведат во ситуација да се возат со лице со куче придружник имајќи во предвид дека кучињата се безопасни по околината, тие се специјално дресирани со намена за придружба и движење на посочената категорија лица. Исто така апелираат и до останатите јавни институции, маркети, кина, театри, трговски центри, да донесат соодветна одлука, а со тоа автоматски да се вклучат во подигнување на јавната свест за отворени врати и слободен пристап на кучињата придружници на лицата со хендикеп.