МЕДИУМСКА ОПСЕРВАТОРИЈА | ЦИВИЛ
Американскиот претседател Доналд Трамп предизвика жестоки реакции во САД откако на предизборен собир во Небраска, на 5 октомври, изговори реченици што звучат како да го прифаќа уништувањето на два големи американски града како „мала цена“ во контекст на војната со Иран. Неговите зборови предизвикаа остри осуди од калифорниските власти, додека Белата куќа неуспешно се обидува да го намали ефектот на скандалозната изјава.
Во емисијата на Андерсон Купер на CNN, новинарот ги стави овие зборови во поширокиот контекст на сè поагресивната реторика на американскиот претседател.
Купер ја започна анализата со друга изјава на Трамп, од предизборен собир во Охајо, во која претседателот ги повика своите поддржувачи да гласаат:
„Само излезете и гласајте. Ако го направите тоа, ќе победиме, и тоа убедливо, и ќе им го набиеме в задник.“
Купер ова го прокоментира во свој стил, кратко и саркастично:
„Секогаш префинет“ (Keeping it classy) – рече Купер.
Потоа ја прикажа изјавата од Небраска, во која Трамп, зборувајќи за војната со Иран и цените на горивата, рече:
„Тие можат да уништат град. Нека го уништат Лос Анџелес, нека го уништат Сан Диего. Тоа е многу мала цена што треба да се плати.“
Купер го пренесе објаснувањето на Белата куќа дека претседателот всушност предупредувал на опасноста од нуклеарно вооружен Иран. Но веднаш постави прашање:
„Вам ви е тоа јасно? Замислете кој било друг претседател да го кажеше тоа. Дали луѓето едноставно ќе кренеа раменици?“
Тој потсети и дека Трамп во минатото повеќепати со презир зборувал за големите американски градови управувани од демократите, вклучително и Чикаго, Балтимор и Вашингтон.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Во разговорот со Купер, дописничката на CNN од Белата куќа, Кејтлин Колинс, откри дека новинарите во три наврати побарале од Трамп лично да објасни што сакал да каже со изјавата за двата калифорниски града. Претседателот ги слушнал прашањата, но одбил да одговори.
Така, додека Белата куќа настојуваше да ја објасни неговата изјава, самиот Трамп не понуди дополнително појаснување.
Говорејќи за војната со Иран и повисоките цени на горивата, Трамп изјави дека тоа е „мала цена за зачувување на безбедноста на светот и на нашата земја“. Но потоа продолжи:
„Тие можат да уништат град. Нека го уништат Лос Анџелес. Нека го уништат Сан Диего. Тоа е многу мала цена што треба да се плати.“
Дел од присутните на собирот реагираа со аплауз.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, ја нарече изјавата „безумна и опасна“, потсетувајќи дека Трамп претходно испраќаше федерални сили во Калифорнија, а сега зборува за можноста странски непријател да уништи два нејзини града.
An American president is talking about Los Angeles and San Diego being “taken out.”
Where the hell is Congress?
This is dangerous. The time to stand up is NOW. https://t.co/1PVG6PHb7m
— Gavin Newsom (@GavinNewsom) October 6, 2026
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, во интервју со Андерсон Купер на CNN изјави дека е згрозена од зборовите на претседателот.
„Улогата на претседателот е да го заштити и брани американскиот народ“, нагласи Бас, оценувајќи дека Трамп практично зборувал за напад врз милиони жители како за прифатлива цена.
Градоначалникот на Сан Диего, Тод Глорија, порача дека неговиот град не е потрошен материјал и дека американските животи никогаш не смеат да бидат „мала цена што треба да се плати“.
Белата куќа упорно тврди дека Трамп бил погрешно разбран. Според директорот за комуникации, Стивен Чеунг, претседателот сакал да каже дека американските градови би биле загрозени доколку Иран се стекнел со нуклеарно оружје.
Но објаснувањето не ја отстранува суштината на контроверзијата. Претседател на држава, чија прва должност е да ги заштити своите граѓани, ги стави имињата на два американски града во иста изјава со уништување и „мала цена“. Дури и ако неговата намера била поинаква, одговорноста за таквите зборови не може едноставно да се префрли врз оние што ги слушнале.
Во време на војна, кога стравот од терористички напади и поширока ескалација е реален, ваквата реторика отвора сериозни прашања за претседателската одговорност, безбедноста на граѓаните и политичката употреба на стравот.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












