Целите поради кои беше донесена даночната реформа се реализираат, рече министерот за финансии Драган Тевдовски на јавната дискусија организирана од „Фајненс Тинк“ и истакна дека е подобрена наплатата на данокот на личен доход. Со тоа се обезбедуваат средства за социјалната реформа, со што се врши редистрибуција на доходот за намалување на нееднаквоста и сиромаштијата, рече Тевдовски.
„Во првите 5 месеци од годинава, наплатата на данокот на личен доход е за 17,4% поголема во однос на лани. Ова ги надминува нашите очекувања, кои беа дека по воведување на праведниот данок, наплатата ќе биде за околу 8% повисока. Истовремено, започна исплатата на гарантиран минимален приход за над 25.000 семејства, што за овие семејства значи многу повеќе средства и намалување на сиромаштијата“, изјави Тевдовски.
Како што изјави Тевдовски, невработеноста во првото тримесечје 2019 е сведена на најниско ниво од спроведување на анкетата на работна сила, или 17,8%, што е за 1,6 п.п. на пониско ниво во однос на последното тримесечје од 2018 година.
„Иако пред воведувањето на праведниот данок во јавноста беше изразена загриженост дека праведното оданочување ќе ја намали вработеноста, се случи сосема спротивното, за само едно тримесечје бројот на вработени е зголемен за 17.000 лица“, рече Тевдовски.
Просечната нето-плата во првото тримесечје од 2019 година е зголемена за 3,4% во споредба со првото тримесечје од 2018 година, посочи министерот. Растот на платите од 3,4% во првото тримесечје е повисок од просекот од последните седум години.
Тој посочи дека земјата има навистина солидни остварувања и во реалниот сектор од почетокот на годинава. Индустриското производство во периодот јануари-април 2019 е повисоко за 7,9% во споредба со истиот период минатата година. Извозот на стоки и услуги во периодот јануари-април 2019 е повисок за 15% во споредба со истиот период минатата година. Инаку просечната стапка на раст на извозот во последните 7 години изнесува 9,2%.
„Целосниот економски резултат, односно растот на БДП во првото тримесечје изнесува 4,1% и претставува навистина добро остварување. Што е спротивно на тврдењата дека праведното оданочување ќе го блокира економскиот раст“, истакна министерот.