Во контекст на големиот празник 11-ти октомври, да се потсетиме на историјата на револуционерната песна – „А бре, Македонче“.
Која е приказната за неа, како и кога настанала?
„А бре, Македонче“ – Идејата за борбена песна се појавила веднаш по почетокот на востанието на 11 октомври 1941 година во Прилеп.
Задача да создадат песна која ќе го подига борбениот дух и морал на борците, а воедно ќе го поттикнува населението за приклучување во партизанското движење, добиле тројца борци од првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев” (именуван како и повеќето одреди според дејците на ВМРО и илинденците).
Тие тројца се: Коле Чашуле, Крсте Црвенкоски и Ордан Михајлоски-Оцка, од кои првиот како литературно надарен бил задолжен за текстот, вториот за идеолошката поента, а третиот како музички талентиран и образован, за мелодијата.
На првиот народен собир (митинг) во фашистички поробената Македонија, хроничарите на НОБ, Коце Солунски и Љубен Георгиески – Љупта, во своите дела и сведоштва за формирањето на првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ и неговото дејствување, зборуваат и за создавањето на оваа песна.
На 23 октомври 1941 година, при формирањето на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ во месноста кај манастирот кај велешкото село Степанци, тројца борци добиле задача да создадат песна, што ќе биде химна на одредот и со која требало да се изидигнува борбениот морал на борците, а воедно, да се поттикнува населението за вклучување во партизанското движење.
Првобитен текст:
А бре, Македонче, каде се спремаш?
Бојот те чека, бој за слобода.
Бој за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.
Мажи накитени, жени наредени,
в борба ми одат, борба за слобода.
Нека разберат денешните тирани,
Македонско име нема да загине!
Алт:
А бре Македонче, за каде се спремаш?
Борба те чека, борба за слобода.
Борба за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.
Момци наредени, моми накитени,
борба ќе одат, борба за слобода.
Борба за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.
Нека разберат клетите фашисти,
македонско име нема да загине!
Подготви: Д.Варошлија