Министерот за образование и наука Арбер Адеми апелира до родителите да ги вакцинираат децата по вчерашната одлука на Владата за примање на документите за упис на првачиња при што ќе бидат запишани само тие со потврда дека ги примиле задолжителните вакцини.
Министерот најави дека ќе се следи состојбата и ако има потреба покрај теренска вакцинација да се отворат и пунктови за вакцинирање во училиштата во интерес на јавното здравје, со оглед на прогласената епидемија на морбили.
„Имајќи предвид дека се соочуваме со епидемија и со сериозни околности донесовме конкретни заклучоци дека училиштата мора да ги примат пријавите за упис од страна на родителите за упис на нивните деца како првачиња во училиштата, но запишување ќе има исклучиво за децата за кои ќе се достави соодветна потврда дека ги примиле задолжителните вакцини. Се соочуваме со епидемија и во вакви околности навистина треба сериозен пристап од страна на сите институции“, изјави Адеми.
Адеди апелира до сите родители да ги вакцинираат нивните деца и дека со ваквиот пристап ќе помогнат и придонесат за јавното здравје.
„Со Министерството за здравство ќе ја следиме состојбата, ако има потреба за теренска вакцинација, но и отворање пунктови во училиштата каде што ќе биде полесно и подостапно примањето вакцини. Се соочуваме со епидемија, ситуацијата е сериозна и потребен е сериозен пристап и примена на законските прописи“, додаде Адеми.
А. П.