„Како политичка партија и како претставник на ДУИ кој учестува во преговорите, секако дека имаме јасен став за препораките на ОБСЕ/ ОДИХР кои доследно треба да бидат инкорпорирани и преточени во законски решенија во новото ревидирање на Изборниот законик. Секако дека се залагаме за отворени листи за советници, тоа е тестирање на нашиот изборен модел, дали би било тоа успешно решение, дали вреди да се имплементира и во парламентарните избори. Секако дека сме против било какво условување на едно вакво решение како што беше предложено од други политички партии дека тоа би било прифатливо ако би било прифатливо и избор на градоначалник на самое еден круг на гласање“, изјави Арбер Адеми, пратеник и претставник на ДУИ, на настанот на ЦИВИЛ „Изборните реформи во пресрет на локалните избори: постигнувања и предизвици“.
„Ние ја почитуваме волјата на гласачите, треба доследно да се испочитува и не можеме тоа да го поврзуваме со некаков процент на излезност или гласање една или друга политичка партија или за еден или друг кандидат за градоначалник на само еден круг на изборите. Ова се преговорите на политичките партии кои се водат сега и сè уште не се финализирани, бидејќи требаше да имаме финален предлог кој ќе биде во собраниска постапка за усвојување“, вели Адеми.
„Треба да имаме консензус меѓу сите политички партии и заедно да ги усвојуваме законските решенија. Јас не помнам дека некогаш да се усвоиле измени или дополнувања на Изборен законик, еднострано. Треба и со опозицијата и со другите политички партии да се договараме и да ги усвојуваме законските решенија. Да се залагаме за квалитетни законски решенија, а не да се водиме само од партиските интереси“, заклучи Адеми.
Адеми додаде дека зелената агенда на ДУИ ќе биде дел од програмата на нивните кандидати за градоначалници и советници, но и дека таа е веќе дел од програмата на Владата.
„Веќе се креираат и имплементираат политики и конкретни мерки поврзани со зелената агенда“, додаде Адеми.
Б. Јордановска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехметхи