Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, го променил ставот за промената на бројот и границите на изборните единици.
Иако до вчера тој и неговата партија инсистираа бројот на изборни единици да се намали на три, сега Ахмети тврди дека земјава нема потреба за отворање на оваа дебата, со образложение дека темата „не е добро обработена“.
„Ние цениме дека земјата актуелно нема потреба да отвори една дебата на тема што не е добро обработена, така што ќе биде добро да се продолжи со толку изборни единици колку што се сега“, изјави Ахмети.
По средбата со комесарот Јоханес Хан, Ахмети го коментираше и предлог законот за Јавното обвинителство. Одговорајќи, пак, на новинарско прашање околу забраната за користење на нови бомби во новите предмети, тој повикал бомбите од прислушуваните разговори да се користат од обвинителството како докази доколку се открие некоја злоупотреба.
„Ние во континуитет велиме дека, ако има такви материјали што би можеле да се користат како докази, нормално дека тие се во рацете на обвинителството и може да се користат како докази во процесите, за правдата да дојде на свое место и да се затварат сите озборувања, пропаганди и лажни вести кои се шират во јавноста, со цел да дезинформира и да создаде забуна кај граѓаните“, рече лидерот на интегративците.
Тој, исто така, се изјасни против идејата на Зијадин Села за избор на Јавен обвинител од странство, на место на Катица Јанева. Според Ахмети тоа би ја претворило земјата во протекторат.
„Земјата нема потреба да позајмува или себеси да се претвора во протекторат, бидејќи работите и процесите во земјата отидоа толку далеку што веќе сме членка на НАТО и сме во пресрет на отворање на преговорите за влез во ЕУ. Нашата земја има капацитет и е добро организирана како во областа на правосудството, така и во законодавната и извршната власт“, додаде Ахмети.
Тој не сакаше да ги коментира предлозите за главен обвинител на новото обвинителство, истакнувајќи дека изборот треба да го направи Советот на Обвинители, а не политичките партии.
Арбен Зеќири