Јас ќе излезам и ќе гласам на референдумот. Ќе заокружам – ЗА. Мислам дека секој граѓанин треба да го оствари своето право на глас и да гласа по свое убедување.
Ова не е партиско прашање. Ова е од пресудно значење за иднината на нашата татковина и последна можност да се приклучиме кон ЕУ и НАТО. Ако оваа можност не ја искористиме ќе останеме закопани на дното без перспектива за напредок и подобра иднина за нашите поколенија.
Со решавањето на спорот за името ќе излеземе од изолација која трае премногу долго. Последните 11 години ни го покажаа грдото лице на диктатурата, национализмот, криминалот, отсуството на правна и социјална држава, уништеното здравство и образование. Едноставно добивме тотално девастиран систем. За да не ни се повтори истото, без разлика која политичка гарнитура ќе биде на власт ќе гласам – ЗА.
За мене името на државата не е поврзано со идентитетот. Тоа како се осеќаш никој не може да го промени. Јас бев Влав роден и пораснат во Југославија. Влав сум и во Македонија. Не сум го изгубил идентитетот без разлика што ние Власите историски гледано немаме своја држава и не држи муабетот дека со географска одредница на името ќе се изгуби идентитетот. Влашки зборував и ќе зборувам. Македонија е моја земја, земја на моите предци и на моите деца. Мораме да изградиме подобра иднина и можности за нас и нашите деца.
Оваа колумна е дел од граѓанската иницијатива „Зачекори напред!“, финансирана од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на граѓанската иницијатива „Зачекори напред!“.