Алијансата за Албанците останува во владината коалиција, соопшти за МИА протпаролот на партијата Флакрон Беџети, а веста била потврдена завчера, на средба помеѓу премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села.
Според него, нивната партија продолжува да биде дел од Владата со своите претходни позиции.
„Средбата беше конструктивна, во позитивен дух, на која меѓу другото, се разговараше за продолжување на реформите, со заедничка посветеност на реформската влада. Алијансата за Албанците продолжува да биде дел од Владата со оние позиции кои претходно беа договорени во составот на парламентарното мнозинство и создавањето на реформската Влада“, рече Беџети.
Во однос на тоа дали веќе има наследник на Арбен Таравари за министер за здравство, со оглед на тоа дека тој веќе е градоначалник на Гостивар, Беџети изјави дека уште нема конкретни имиња за оваа позиција во Владата.
„Прво очекуваме централното претседателство на партијата да назначи лице кое ќе го наследи Таравари, а потоа и ќе излеземе со официјална информација“, рече Беџети.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.