Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими амбасадорките на Украина и на Швајцарската Конфедерација во Република Северна Македонија, Наталија Задорожњук и Вероник Улман Марти, информираат од кабинетот на Претседателот.
На средбата претседателот Пендаровски беше информиран за активностите и понатамошните чекори кои се преземаат со цел помош, поддршка и обнова на Украина, како и на одредени региони, градови и индустрии погодени од војната.
Во таа насока претседателот беше запознаен со претстојната Конференција за обновување на Украина, која ќе се одржи во Лугано, Швајцарија, на 5 и 6 јули годинава, на заедничка иницијатива на украинскиот претседател Владимир Зеленски и швајцарскиот претседател Игнацио Касис, а на која ќе биде претставен Планот за обнова и развој на Украина, со цел надминување на последиците од војната и избегнување на општествено – економска криза од поголеми размери.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за упатената покана за учество на Конференцијата и посочи дека европската солидарност и јакнењето на меѓусебното партнерство е клучно во процесите за обнова на Украина и повторно воспоставување на мир, безбедност и стабилност на европскиот континенет.