Американската стопанска комора на Косово побара од Владата на Косово да ја повлече царинската такса од 10 отсто за стока од Соединетите Американски Држави, јавуваат косовските медиуми.
Ова барање доаѓа по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе основна царина од 10 отсто на увозот од сите земји во светот, вклучително и Косово и другите земји од Западен Балкан.
Претседателот на Американската стопанска комора на Косово, Аријан Зека изјави дека воведувањето на царината од страна на САД ќе влијае на способноста на косовските извозници и ќе ја намали конкурентската предност на косовските производи на американскиот пазар.
„Доколку Косово напредува еднострано со воспоставување преференцијална трговска мерка, повлекувајќи ја царинската тарифа за американските производи во целост, можеме да се надеваме дека истиот чекор ќе го следи и отстрани американската администрација“, рече Зека за РСЕ.
Радио Слободна Европа ги праша Канцеларијата на премиерот на Косово и Министерството за индустрија, претприемништво и трговија дали ова барање ќе биде разгледано и какви се можностите за повлекување на оваа давачка, но овие институции се уште немаат одговор.
Во меѓувреме, трговско-индустриската комора на Косово со загриженост ја чека одлуката на американскиот претседател да ја утврди основната тарифа од 10 проценти.
„Оваа одлука се очекува уште повеќе да го погоди извозот, кој од Косово во САД е намален во последните месеци“, се вели во соопштението на оваа комора.
Трговско-индустриската комора ја повика Владата на Косово да им помогне на стопанствениците погодени од оваа одлука.
Економските организации во Косово велат дека од 2019 година започна зголемувањето на генералниот извоз на Косово во САД.
Д. Т.