Поголемиот дел од граѓан(к)ите не веруваат дека власта и опозицијата ќе успејат да се договорат за Законот за Јавно обвинителство, особено по вчерашната неуспешната лидерска средба помеѓу претставници на власта и опозицијата предводени од премерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Не верувам дека власта и опозицијата ќе успејат да се договорат за законот за СЈО, бидејќи се на сосема различни страни. Тоа е многу лошо за Македонија, бидејќи нема да добиеме датум за преговори за ЕУ и НАТО интеграциите. За НАТО и не е толку проблем, меѓутоа за ЕУ интеграците ќе влијае многу. Не верувам дека до предвидениот рок ќе успеат да се договорат“, вели еден граѓанин во Скопје.
„Тврдоглавоста е таа што не им дозволува на власта и опозицијата да седнат и да се договорат како што треба околу иднината на СЈО. Од инатот на политичарите, најмногу страдаат граѓаните, бидејќи секоја година речиси имаме избори, технички влади, на што личи ова ни сами не знаеме. Ние бараме трета алтернатива која ќе ги слуша граѓаните. Ништо не е остварено од ниту една влада, демолизирани сме до крај“, вели еден граѓанин.
На прашањето дали власта и опозицијата ќе се договорат за законот за СЈО, една граѓанка истакна дека тие секогаш се договараат.
Дехран Муратов
Камера и монтажа: Aриан Мехмети