Отакако зачестија случаите на дискриминација од страна на вработените во Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје (ЈСП), од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во наредниот период ќе им одржат обука за дискриминација со цел сензибилизација на возачите, контролорите и други вработени во работата со најразлични маргинализирани групи.
„Комунициравме со Секторот за човечки ресурси на ЈСП „Скопје“ и се договоривме ние од КСЗД да им одржиме обука на вработените во ЈСП. Од следната недела ќе го усогласиме датумот, местото и начинот како ќе се спроведе обуката. Треба да ги усогласиме и КОВИД-мерките. Обуките ќе бидат во насока на превенција на идни дискриминаторски практики од страна на возачите на нивните автобуси, контролорите и други вработени. Во моментов сме малку членови, но сепак ќе најдеме време да извршиме обука“, вели Игор Јадровски, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, за ЦИВИЛ Медиа.
КСЗД вчера соопшти дека ЈСП-Скопје извршило директна интерсекциска дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, социјално потекло, етничка припадност и припадност на маргинализирана група врз жена и нејзините две малолетни деца. Како што објаснуваат тие, во претставката поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права, се наведува дека возач на автобус на ЈСП насилно ги исфрлил од автобусот жената и нејзините две малолетни деца, од кои едното било во количка.
Пред еден месец, и ЦИВИЛ Медиа објави дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, по поднесената претставка од Хелсиншкиот комитет за човекови права, утврди дека контролори од ЈСП Скопје извршиле директна дискриминација врз ромскиот студент Сирхан Усеин и неговата мајка, поради нивната етничка припадност и боја на кожа. И покрај тоа што имале годишен билет, биле малтретирани, навредувани и избркани од автобусот.
ЦИВИЛ неодамна објави и за недоличното, дискриминаторско и насилничко однесување на вработените лица во Јавното соoбраќајно претпријатие – Скопје кои селективно постапија кон група од 5-6 малолетни лица (со потемен тен, и кои зборуваа албански јазик), од кои се побара да се симнат од автобусот бидејќи не носеа заштитни маски, а дел од нив немаа ниту билет. По кратка вербална расправија тие беа симнати во Трубарево. Но, тоа не беше случај со останатите патници во автобусот кои не носеа маски.
Од Градот Скопје за ЦИВИЛ Медиа велат дека изразуваат жалење и ги осудуваат посочените инциденти поврзани со ЈСП „Скопје“.
„Секогаш ги осудуваме и работиме против сите дискриминаторски практики и, несомнено, Градот Скопје во случајов ќе преземе одговорност и ќе постапи по сите препораки од Комисијата. Со цел искоренување на овие дискриминаторски пратики, Градот Скопје ќе презеде конкретни мерки и одговорните лица ќе се соочат со законски и дисциплински последици.
Градот Скопје е град за сите, град каде различностите нѐ поврзуваат и не дозволува дискриминација по ниту еден основ, а инклузивноста е еден од главните приниципи во нашето работење. Исто така, инсистираме овие начела да се почитуваат и во работењето на сите градските инситутции и претпријатија“, велат од Град Скопје за ЦИВИЛ Медиа.
Од таму велат дека во изминативе четири години, Градот Скопје значително ги зголеми финансиските средства од Буџетот за поддршка на проекти од немнозинските заедници од програмите за култура, спорт, социјала и за невладините организации. Исто така зголемен е и процентот на вработени од немнозинските заедници во градската администација.
ЦИВИЛ најостро го осуди и ќе продолжи да го осудува недоличното, дискриминаторско и насилничко однесување на вработените лица во државни институции и јавни претпријатија.
„Местото на насилниците и дискриминаторите не е во извршување на јавна работа, впрочем, место за такви лица не смее да има во ниту едно претпријатие или институција! Ова општество не смее да дозволи никакви изживувања од насилниците, потиснувања, закани, говор на омраза и дискриминација по никаква основа. Секое недолично однесување, навреда или закана заслужува соодветна реакција од сите инстанци и институции во државата“ – беше и ќе остане ставот на ЦИВИЛ.
Дехран Муратов