Контролори на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје извршиле директна дискриминација врз ромскиот студент Сирхан Усеин и неговата мајка, поради нивната етничка припадност и боја на кожа. И покрај тоа што имале годишен билет, биле малтретирани, навредувани и избркани од автобусот, утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, по поднесената претставка од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
ЦИВИЛ веднаш најостро го осуди недоличното и насилничко однесување на контролорите од Јавното соoбраќајно претпријатие – Скопје кон студентот Сихран Усеин од Правниот факултет.
„Ги повикуваме надлежните институции веднаш да реагираат и да го расчистат овој случај, а сторителите да бидат соодветно санкционирани. Реакцијата на ЈСП Скопје со казнување на 20 посто од плата на контролорите кои јавно омаловажувале студент Ром, му се заканувале со сексуална злоупотреба, го навредувале него и членови на неговото семејство, го исфрлиле надвор од автобусот (иако имал студенски билет), расно го дискриминирале, и згора на сето тоа му нанеле физички повреди, не е соодветна мерка! Местото на насилниците и дискриминаторите не е во извршување на јавна работа, впрочем, место за такви лица не смее да има во ниту едно претпријатие или институција!“, беше и ќе остане ставот на ЦИВИЛ.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација му препорача на ЈСП во иднина да обезбеди непречен и еднаков пристап до добрата и услугите на сите граѓани на Република Северна Македонија, без разлика на нивната етничка и расна припадност. Претпријатието доби препорака да спроведе обука за подигнување на свеста и сензибилизација на своите вработени за работа со маргинализирани групи граѓани. КСЗД го следи извршувањето на мислењата и препораките во вакви случаи и иницира прекршочна постапка пред надлежен суд, доколку тие не се исполнат.
Хелсиншкиот комитет ја поздравува динамиката со која КСЗД во изминативе седмици им пристапува на случаите кои што ги презеде од претходната антидискриминаторска комисија.
„Очекуваме брза и ефективна работа и во иднина, која ќе придонесе за подобрување на состојбата со човековите права во земјава и во искоренувањето на дискриминаторските практики“, велат од Хелсиншки комитет.
Инаку, иницијативата АВАЈА организираше протест пред ЈСП во Автокоманда и побараа „ЈСП да си ги контолира контролорите“.