ЦИВИЛ најостро го осудува недоличното и насилничко однесување на контролорите од Јавното соoбраќајно претпријатие – Скопје кон студентот Сихран Усеин од Правниот факултет.
Ги повикуваме надлежните институции веднаш да реагираат и да го расчистат овој случај, а сторителите да бидат соодветно санкционирани.
Реакцијата на ЈСП Скопје со казнување на 20 посто од плата на контролорите кои јавно омаловажувале студент Ром, му се заканувале со сексуална злоупотреба, го навредувале него и членови на неговото семејство, го исфрлиле надвор од автобусот (иако имал студенски билет), расно го дискриминирале, и згора на сето тоа му нанеле физички повреди, не е соодветна мерка!
Имајќи предвид дека ова не е изолиран случај бараме да се преземат поригорозни мерки. ЦИВИЛ бележи повеќе вакви немили настани поврзани со вработените во ЈСП-Скопје. Самоволието и насилството коешто го практикуваат контролорите на ЈСП мора да престане!
Местото на насилниците и дискриминаторите не е во извршување на јавна работа, впрочем, место за такви лица не смее да има во ниту едно претпријатие или институција!
Ова општество не смее да дозволи никакви изживувања од насилниците, потиснувања, закани, говор на омраза и дискриминација по никаква основа. Секое недолично однесување, навреда или закана заслужува соодветна реакција од сите инстанци и институции во државата.