По завршувањето на средбата помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски стана јасно дека долго најавуваниот план на Мицкоски за излез од енергетската криза е всушност само политички маркетинг.
Првично најавуваните понуди за поевтина електрична енергија и енергенси од страна на ВМРО-ДПМНЕ, станаа контакти, а сега и тие контакти стануваат позиции за набавка на поевтини енергенси, објави Фронтлајн.мк.
На средбата со Ковачевски, Мицкоски презентирал позиции како да се набават поевтини енергенси, а пред новинарите кажа дека со министерот за економија ќе сподели контакти од компании кои може да испратат поевтини понуди од берзанските.
Премиерот Ковачевски истакна дека сите понуди за набавка на електрична енергија и енергенси мора да се достават до Министерството за економија, каде што стручна комисија ги разгледува понудите и одлучува дали се исполнети сите критериуми.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ целиот изминат период тврдеше дека има план и контакти со кои државата би заштедила 300 милиони евра во енергетската криза. Премиерот Ковачевски и Владата неколкупати го повикаа да ги сподели контактите и мерките, со цел да се помогне на државата, но тој одби тоа да го направи и со дневнополитички изјави ја напаѓаше работата на економскиот совет.
Планот за справување со кризите на Владата беше изработен во консултација со експертите, а беше претставен и пред Советот за безбедност. Од друга страна, Мицкоски излегуваше во јавност и нудеше како решенија – мерки и предлози кои Владата или веќе ги спроведува или има предвидено да ги спроведува во наредниот период.
На регулираниот пазар на електрична енергија, покрај домаќинствата и компаниите – мали потрошувачи, вклучени се и сите основни и средни училишта и здравствени институции, со што ќе се обезбеди непречена настава со физичко присуство и здравствени услуги за сите граѓани. Над 600.000 домаќинствата плаќаат само 20% од потрошената електрична енергија, додека останатите 80% ги покрива државата.
Владата исто така одобри и 1,1 милијарда денари за набавка на енергенси, за непречено снабдување на Град Скопје со парно греење во текот на претстојната зима.
И додека Мицкоски, кој тврди дека има контакти за набавка на електрична енергија и енергенси за пониска цена од берзанската, но не ги споделува со владата, поради лични и партиски интереси, Владата на највисоко ниво преговара со сите држави во регионот со цел да се набават енергенси и електрична енергија по пониски цени.
Д. Е.