АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
Војната во Украина ги фрли во сенка изборите во четири европски држави од кои три се членки на ЕУ и од чиј исходи во многу ќе зависи иднината не само на Европа него и на Западен Балкан. Во април, освен во Србија каде се гласа на 3. април и која е во нашето непосредно соседство, изборите се одржуваат и во три држави членки на ЕУ, во Унгарија на 3 април, во Франција на 10 април, и во Словенија на 25 април.
Како може да изгледа новиот политички мозаик на Европа меѓу другите специјално за ЦИВИЛ Медиа зборуваат колумнисти и аналитичари на Љубљанското „Дело“ Дејан Водовник и на Белградското „Време“ Вукашин Обрадовиќ. Какви се шансите новото словенечко движење „8 Март“ да го победи Путиновиот и Орбановиот сателит Јанез Јанша, и да ја врати Словенија на европскиот колосек.
Во Словенија движењето „8 Март“ има големи шанси да го победи Јанез Јанша и на премиерската функција да го види левичарот и некогашниот потпретседател на политичката партија Позитивна Словенија Роберт Голоб. Зошто српската опозиција не го прифати моделот на Бугарската опозиција него остана разбиена и маргинализирана на политичката сцена во Србија. Проценките се дека Макрон и Вучиќ веќе можат да слават победа, а Орбан и Јанша „сами ќе играат чардаш и полка“.
Вучиќ нема да ги загуби изборите
Во Србија се одржуваат редовните претседателски, вонредните парламентарни и редовните локални избори за Белград и уште 12 единици на локалната самоуправа. Според пропорционалниот систем за народното собрание на Србија треба да се изберат 250 народни пратеници. Право на глас имаат околу 6,6 милиони регистрирани бирачи. На Косово, кое Србија според важечкиот устав сеуште го смета за своја Автономна покраина парламентарните избори би требало да се одржат како и до сега, со посредство на меѓународната заедница во средините во кои живи мнозинска српска заедница. Меѓутоа косовските власти нема да дозволат спроведување на овие избори на нивна територија, па претседателот Вучиќ ги повика Србите од Косово во недела да гласат на некои од гласачките места во централната Србија. Тој го обвини раководството на Косово дека него почитува Бриселскиот договор. Тоа повторно ги подгреа тензиите во овој експлозивен регион бидејќи Србите од северот на Косово минатата недела протестираа поради ваквата одлука на приштинската влада, а косовските власти распоредија полиција и специјални единици околу нивните општини.
Република Србија според важечкиот изборен Закон, претставува една изборна единица. Пратеничките мандати се распоредуваат пропорционално според бројот на освоените гласови. Поголем дел на српската опозиција не учествуваше на минатите парламентарни избори и поради тоа не можеа да учествуват во парламентарниот живот на оној начин кој би влијаел на донесување на одлуките или надзор над власта.
Нивното делување повеќе потсетуваше на работата на невладините организации отколку на политичките партии. Тоа создаде длабоко разочарување меѓу граѓаните кои очекувале нивно активно учество во политичкиот живот и застапување на нивните интереси.
Меѓутоа од хетерогена политичка опозиција во Србија не може да се очекува поврзување бидејќи се работи за дијаметрално различни идеологии а на нивните лидерски позиции се луѓето кои веќе имаат свое политичко минато и разни хипотеки кои не се привлечни за повеќето бирачи.
СНС е во предност
Според истражување на јавното мислење, убедлива предност на парламентарните избори има листа на Српска напредна странка „Александар Вучиќ-Заедно можеме се“. Поради намалување на изборниот праг на три проценти шансите да осигурат место во народното Собрание на Република Србија имаат и помалите политички партии, и партиите на малцинствата, а на претседателските избори, апсолутен фаворит е претседателот Александар Вучиќ. Најнеизвесната битка ќе се води на локалните избори во главниот град Белград. Се очекува дека излезност на изборите ќе биде над 50 проценти.
За иднината на парламентарната демократија во Србија важно е во наредниот период опозицијата да се консолидира да стане проактивна и конструктивна и да биде вистински коректор на власт што досега не беше случај, посебно, поради бојкот на еден дел на опозицијата. Но и тоа ќе зависи каков демократски амбиент ќе создаде новиот (или ново стариот ) победник на изборите. Внатрешните набљудувачи проценуваат дека е најважно кога се работи за прашања од национален интерес власта и опозицијата да имаат заеднички и единствен став.
За време на мандатот на Александар Вучиќ и неговата Српска напредна странка, Србија и покрај оценките дека владее автократски, повторно стана епицентар на збиднувањата во регионот и мотор на европските интеграции. Забележливи се значајни економски успеси и напредокот, забрзан е пат кон членството во ЕУ. Меѓународната заедница ја пофали иницијативата на Вучиќ и македонскиот и албанскиот премиер за покренување на важна регионална иницијатива отворен Балкан со која се унапредува регионалната соработка и отвора можност за поголем економски напредок на регионот што е зацртано и во стратегијата на ЕУ. Ваквата иницијатива му даде ветер во грб на Вучиќ и од страна на меѓународниот фактор. Србија во изминатиот период до изборите успеала да привлече странски инвестиции кои достигнаа околу четири милијарди евра на годишно ниво, што е повеќе него во сите останати држави во регионот заедно.
Аналитичарите на Меѓународниот институт од Љубљана сметаат дека Србија во последните години успеала успешно да се ребрендира во регионални и меѓународни односи и од објект во меѓународните односи да се позиционира како важен субјект.
Српска опозиција се уште не е доволно позиционирана за да придонесе за јасен и квалитетен развој на демократијата, како што тоа неодамна го направи опозицијата во Бугарија. Аналитичарите сметаат, дека српската опозиција требаше да учи на грешките на бугарската опозиција која беше свесна за фактот дека идеолошките разлики помеѓу нив се преголеми за сериозна коалиција и на изборите настапија во повеќето колони со новите ликови кои немале поранешни хипотеки. Така во третиот обид, на третите вонредни избори успеале да го соборат од власта Бојко Борисов и неговата ГЕРБ.
Во Србија власта и опозицијата после макотрпните и долги преговори, и со посредство на меѓународната заедница успале да се договорат и да создадат попристоен амбиент за спроведување на фер и демократските избори. После гласањето во неделата ќе видиме дали ова ќе донесе и посвеж демократски бран во Србија.
И власт и опозиција се во неизвесност
Вукашин Обрадовиќ, аналитичар и колумнист во Белградскиот неделник „Време“ за „ЦИВИЛ Медиа“ вели дека во демократски уредени држави изборите се време кога треба да се разрешат одредени горливи проблеми или криза во државата и кога граѓаните дават опција за решавање на горливите прашања во земјата. Меѓутоа во Србија овој процес се движи во спротивна насока . Изборите континуирано и се почесто стануваат извор на отворање на длабоки поделби, конфликти и политички пресметки. Затоа на неколку дена пред гласањето меѓу граѓаните на Србија владее неизвесност и страв од изборите.
„Стигнавме до оној степен на општа политичка и општествена деструкција да за поголемо мнозинство на граѓани самите избори претставуваат некоја врста на траума, колективна психоза која е предизвикана пред се од неизвесност и од исчекување што ќе се случи ден после, што ќе донесе „новиот ден“ во оној миг кога ќе бидат соопштени резултати на гласањето. За претставниците на опозицијата и за нивните симпатизери, посебно за оние кои своето политичко определување и мислење го искажаа јавно, со непосредно политичко ангажирање или со било каква врста на активизам стравот од овие избори не е ирационален, туку е реален. Сосема е природно во еден момент самите да се запрашат што можат да очекуваат во постизборен период во случај Српска напредна странка повторно на овој или на оној начин да освои власт. Во клима во која тие се однапред веќе прогласени за државни непријатели, не-патриоти, издајници, странски платеници, тешко дека ќе можат да бидат сигурни дека режимот после изборите кон нив ќе се однесува само како кон политичките опоненти. Затоа меѓу сите граѓани владее некаква неизвесност и стравот без оглед дали тие во недела својот глас ќе го дадат како поддршка на актуелната власт, како поддршка на опозицијата или едноставно ќе останат на тој ден дома“ вели Обрадовиќ.
Не може да се владее со заплашување
Голема е заблуда вели Обрадовиќ дека и самите поддржувачи на власта и на „ликот и делото на Александар Вучиќ“ се до крај спокојни, и тие се исплашени, без оглед на фингираните истражувања и секојдневното бомбардирање преку државните медиуми за огромната предност која на изборите ја има СНС. И тие се прашуваат – што ако ги загубат изборите? Дали ќе започне период на масовен реваншизам од страна на новите победници. Што ако утре некој од нив им замери или во нив впери прст поради учеството на бројни на стани и патешествија со автобусите по градовите и селата, за поддршката на СНС.
„Она што исто така не е нималку неважно и треба да се има во предвид е дека Александар Вучиќ во своето богато автократско тестаментно наследство, на Србија и остава секој ден се повеќе граѓани кои се убедени дека политичкиот расплет, на сега, веќе и со голо око видлив општествениот конфликт помеѓу неговите поддржувачи и опоненти не може да биде со мирен пренос на власта преку изборите и низ институциите“ вели Обрадовиќ.
Според неговата оценка, јасно е дека Вучиќ никогаш нема да ја предаде власта на изборите. Фактите кажуваат дека енормно се зголемува скриеното незадоволство, кое тлее и може да излезе на површина во секој миг, со најмал повод. При што нема да може политички да се канализира. „Сѐ ова врло добро го знае и Вучиќ и длабоко верувам вели Обрадовиќ дека и тој спаѓа во оние луѓе кои чувствуваат страв од резултатите на овие избори без оглед колку успешно тоа го сокрива. Бидејќи, да го парафразирам Абрахам Линколн:„ можеш со стравот да владееше некое време со некои луѓе, можеш со некои луѓе цело време да владееш со стравот, но не можеш со сите луѓе цело време да владееше со стравот“.
Меѓутоа војната во Украина сега и во Србија ги наметнува новите теми и освен кај најрадикалните националисти не се приметува борба на политичките мислења во Србија, зе изгубија доминантните теми, меѓу другото кој денес се сеќава на протестите против Рио Тинто.
Франција
На Макрон нема кој да му ја загрози победата
Актуелниот претседател на Франција Емануел Макрон практично веќе ја освоил повторно Елисејската пала. Само некакви чудни, непредвидливи и лоши околности би можеле да ја загрозат неговата скоро загарантирана победа на претстојните априлски избори. Две работи му одат во прилог да ги освои гласовите на Французите. Едната е расулото кое владее во опозицијата, а втората е меѓународната ситуација во која Макрон одлично се снаоѓа и ги покажува своите лидерски позиции. Само за потсетување, од почетокот на кризата околу Украина, Макрон што лично, што преку видео конференција или телефон, скоро дваесет пати се има сретнато или разговарано со Рускиот претседател Владимир Путин. Тоа пред бирачите во Франција му е втор во грбот.
Неговите разговори со Путин не постигнаа можеби посакувани резултати и не донесоа мир во Украина но Французите го ценат овој негов ангажман во обид за постигнување на мирно решение и тоа се поените кои Франција ги има собрано во оваа криза и се очекува да му ги даде на гласањето на Макрон. Француските медиуми можеби и несвесно известувајќи за војна во Украина и за активностите на нивниот претседател му ја освежија кампањата. Во прилог на неговото водство воочи изборите оди и фактот што е на чело на Европскиот совет, каде неговиот збор имаше посебна тежина и при воведување на санкциите против Москва и доделување секаква, сметајќи ја тука и воената помош на Украина.
Веројатно е дека битката за претседателското место ќе ја води и во вториот круг каде ривалката ќе му биде лидерката на крајната десница Марин ле Пен.
Она што на Макрон му оди во прилог е фактот дека левицата скоро да нема шанси да освои потребен број на гласови за да влезе во вториот круг. Според моменталните анкети Макрон има поддршка од над 30 проценти бирачи, а веднаш зад него е лидерка на десницата Марин Ле Пен со нешто повеќе од 19 проценти. Макрон најверојатно ќе се натпреварува со неа во вториот круг. Ле Пен и Макрон беа конкуренти и во 2017 година кога Макрон однесе победа со дури 66,1 проценти на освоени гласови. Кога дојде на местото на претседателот на Франција во 2017 година , Емануел Макрон беше релативно ново име на политичката сцена во државата, но претставуваше своевидно освежување во однос на
Социјалистите и Републиканците и тоа придонесе за неговата победа. Тој доаѓа како кандидат на политичката партија „Л’РЕМ“(La République En Marche) чија политичка ориентација е центар, но според програмите ги привлекува и гласачите кои припаѓаат на десничарската ориентација.
За Европската унија покрај недостатоците кои ги има (пред се поради исламофобија која силно ја манифестирал во 2020 година) најпосакуваниот претседател на Франција и понатаму е Макрон. Бидејќи, во случај на победа на неговата против кандидатка може да се случи значајна промена на надворешната политика на Франција, пред се во односите со ЕУ и НАТО.
продолжува…