Ги изгубивме изборите. ГЕРБ и ДПС имаат јасен мандат да коалицираат, изјави копретседателот на „Продолжуваме со промената“ Асен Василев во својот прв коментар по денешниот изборен ден, јави репортерот на БГНЕС.
Секој ден ќе работиме за ветувањата што ги дадовме, изјави поранешниот премиер Кирил Петков.
Од тука па натаму ни претстои тешка зима. Успех на ГЕРБ во формирањето влада, бидејќи нивниот успех е успех на сите Бугари. Ние длабоко не се согласуваме со начинот на кој тие управуваа со државата, но бугарските граѓани се произнесоа, рече Асен Василев и додаде: Бугарскиот народ ни го додели местото во опозиција.
Гласачите имаа избор, го направија и го избраа ГЕРБ, рече и Василев. Нашите 60 пратеници не можат да ја спречат ГЕРБ да коалицира, продолжи Василев. Тој истакна дека со ГЕРБ имаат поинаква филозофија и категорично истакна дека нема да има коалиција.
Според него, не било грешка што не се појавиле заедно со „Демократска Бугарија“ на изборите.
Како конструктивна опозиција ќе бдееме над секоја постапка на идната власт, нагласи Кирил Петков.
Според поранешниот премиер, она што се случи денеска многу јасно покажува дека огромен број луѓе продолжуваат да веруваат дека Бугарија може да биде успешна и просперитетна, а не да биде изедена од корупција.
Сакаме да го почитуваме изборот на народот, а фактот што ГЕРБ е првата политичка сила носи огромна одговорност. На нашите гласачи им ветивме дека нема да се направи коалиција со ГЕРБ и ДПС, ќе го исполниме нашето ветување. Ние како политичари ќе бидеме луѓето кои ќе ги исполниме нашите ветувања, рече Кирил Петков.
Тој им се заблагодари на сите гласачи кои гласаа за ПП и на сите што гласаа, и повеќепати изјави дека ПП ќе ги исполни ветувањата.
Подготви: Д.Мишев