Македонската Агенција за цивилно воздухопловство (АЦВ) и Министерството за внатрешни работи ги оценуваат како неточни информациите на руската агенција РИА Новости дека два приватни авиона, наводно на семејеството Назарбаев, слетале на киргистанскиот аеродром Манас во Бишкек, едниот од Македонија, а другиот од Обединети Арапски Емирати. По кусо време, обата авиона заминале од Киргистан.
Дезинформација е дека поранешниот претседател на Казахстан, Нурсултан Назарбаев избегал со авион што во Бишкек, Киргистан слетал од Северна Македонија, велат за МИА од МВР.
Не е точно дека поранешниот претседател на Казахстан Нурсултан Назарбаев избегал со авион што во Бишкек, Киргистан слетал од Македонија, информираат од македонската Агенција за цивилно воздухопловство (АЦВ).
Директорот на АЦВ Томислам Тунтев за МИА изјави дека на 7 јануари имало лет од Скопје за аеродромот Манас во Бишкек, при што авионот дошол од Истанбул и заминал за Бишкек.
Тој појасни дека станува збор за најавен и одобрен бизнис лет со авион од типот „бомбардиер глобал експрес“ од турски оператор што ги исполнува сите услови и барања, односно што ја доставил целокупната потребна документација за да добие одобрение од македонските воздухопловни власти.
Како што пренесува СДК, станува збор за киргистанска делегација со ВИП личности што била во посета на македонска мултинационална компанија, којашто дошла со редовна линија на „Туркиш ерлајнс“. Меѓутоа, еден од членовите на делегацијата морал итно да се врати дома и затоа од Киргистан му обезбедиле лет со приватен авион што го изнајмиле во Турција. Другите членови на делегацијата останале.