Премиерот Димитар Ковачевски заедно со директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски денеска присуствуваше на презентација на првата странска инвестиција во 2024 година во ТИРЗ, на мултинационалната водечка компанија за оутсорсинг услуги ЕМАПТА.
„Оваа компанија која е рангирана како компанија лидер во оутсоурсинг дејноста во светски рамки за само една година постоење во земјава веќе има вработено 30 луѓе и има амбиции да се проширува. За поздравување е тоа што компанијата планира да отвори деловен простор од 6.000 квадратни метри во ТИРЗ Скопје 1, каде во наредните 5 години е планирано да се вработат над 850 млади луѓе, а до крајот на инвестицискиот период само за плати се предвидени над 15 милиони евра годишно“, изјави Ковачевски.
Ковачевски посочи дека преку оваа инвестиција млади луѓе ќе работат за компании од светски ранг и ќе станат дел од глобалните текови.
„Создадовме клима на доверба кај странските инвеститори, каде што на нашата држава се гледа како на извонредна можност за стабилни инвестиции кои се одржливи и предвидливи на долг рок. Проценивме дека Северна Македонија има потенцијали кои треба да ги претвориме во можности и дека тие потенцијали некој ќе ги препознае. И навистина, потенцијалите на нашите луѓе се препознаени и ценети а потврда за тоа е присуството на една ваква глобална компанија која ангажира во нашата држава исклучиво македонски кадри“, вели Ковачевски.
На прес -конференцијата се посочи дека за да добие државна поддршка компанијата мора да има минимум 100 вработени кои ќе земаат најмалку 1 000 евра плата. Поддршката ќе изнесува 3 250 евра по вработен.
Директорот на ТИРЗ, Јаван Деспотовски, изјави дека основачот е од Австралија, а тука инвестира благодарение на нашинец кој работел таму.