Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок ја обвини Москва дека има намера да го уништи украинскиот град Мариупол и направи уште еден обид да ја повика Русија да му се врати на човештвото, пренесува Укринформ.
-Според мене, Русија е решена да го освои градот или да го уништи, без разлика на човечката цена“, рече шефот на германската дипломатија.
Според Бербок, и покрај тоа што страшните извештаи остануваат непроменети од ден на ден, невозможно е да се изгубат од вид луѓето и ситуацијата во овој украински град и помалку да се размислува за тоа.
-Повеќе од 100.000 цивили остануваат заробени во Мариупол – вклучувајќи деца, жени, мажи, стари лица; со недели доживуваат речиси неверојатен кошмар без струја, вода или греење во градот, постојано напаѓан од руски бомби, каде паѓаат ракети и гранати, а кој се срамнува со земја, рече министерката.
Бербок ги повика властите во Москва веднаш да престанат со нападите.
-Меѓународното хуманитарно право мора да се почитува. Затоа, ја повикувам руската влада да обезбеди безбедни коридори за доброволна евакуација на цивилите и да достави хуманитарна помош до оние кои не можат или не сакаат да заминат, повика Бербок.
Како што објави Укринформ, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок на форумот за дијалог за енергетска транзиција во Берлин ја потврди намерата на Германија целосно да се откаже од руските извори на енергија.
Д.Мишев