Американскиот претседател Џо Бајден денеска вети дека ќе се брани „секој сантиметар“ од територијата на НАТО откако Русија испрати сили во Украина – но потврди дека нема да бидат распоредени американски војници кај сојузникот на Вашингтон.
„Како што кажав кристално јасно, САД ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО со целосна американска моќ“, рече Бајден во обраќањето до нацијата од Белата куќа.
Претседателот на САД сепак додаде: „Нашите сили нема да бидат ангажирани во конфликт со Русија во Украина“.
Рускиот претседател Владимир Путин ќе биде „отфрлен од меѓународната сцена“ по инвазијата на неговата земја врз Украина, нагласи американскиот претседател Џо Бајден, откривајќи дека „нема планови“ да разговара со него.
Бајден во обраќањето од Белата куќа најави нови санкции за Москва.
Руската инвазија „никогаш не беше за вистинска загриженост за безбедноста од нивна страна“, додаде Бајден. „Секогаш се работеше за гола агресија, за желбата на Путин за империја, на кој било начин“.
Соединетите Американски Држави денеска воведоа санкции за 24 белоруски поединци и организации „поради поддршката на Белорусија и олеснувањето на инвазијата“ на Украина од страна на Русија.
„Денешните мерки се фокусираат на одбранбениот сектор и финансиските институции на Белорусија, две области во кои Белорусија има особено блиски врски со Русија“, се вели во соопштението на американското Министерство за финансии.
Ј. Ѓ.