Секојдневно правиме анализи и во моментов немаме податоци дека може да се случи ценовен шок. Како што направивме пред една година ќе направиме пак во делот на преземање на соодветни мерки согласно Законот за трговија и согласно надлежностите што ги има Министерството за економија ако дојде до тоа, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
-Во моментот кога ние ќе предвидиме дека може да има ценовен шок навремено ќе ја известиме јавноста. Точно е дека има одредени зголемувања на цените за одредени производи. Ако зборуваме за основните производи можеби сме единствената Влада во регионот која во време на пандемија презела такви мерки во делот на замрзнување на цените и во дел на одредување на маржа и за домашното производство, но и за сите производи кои се увезуваат, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата
Согласно механизмите што ги имаме како Министерство за економија и Владата, посочи, мора да се повикаме на Законот за трговија за да се замрзнат цените.
-Во делот на домашното производство можеме директно преку субвенции на одредени производи или производители да влијаеме во делот на цената. Секако дека ќе интервенираме во делот на замрзнување на цените кај производите кои се увезуваат во нашата држава како што направивме пред една година. Значи, можеме да ги намалиме маржите согласно фактурите кои се доставуваат при увоз. Во делот на трговијата на големо и мало можеме да ги намалиме маржите и за маркетите и за малите и за големите и сл. Тоа веќе сме го направиле и сме речиси единствената држава во време на пандемија која ги донесе овие мерки како справување со зголемувањето на цените, потенцира Бектеши.
Министерот Бектеши смета дека АД ЕСМ не го прекрши Законот за енергетика со тоа што не достави понуда на првиот повик на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за набавка на потребните количини на електрична енергија за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи за првите шест месеци од наредната година.
Во Законот, како што вели, не пишува дека треба да има понуда на првиот повик.
-Во Законот пишува дека најголемиот производител треба да понуди на универзалниот снабдувач, а може да има и втор и трет повик. Дополнителни барања од страна на ЕВН Хоум ќе има и ние имаме право до крајот на годината преку ЕСМ со одлука на Владата да го задолжиме ЕСМ да понуди 60-70-80, 90 или, пак, 100 отсто од потребите на универзалниот снабдувач. Цената ја одредува Владата, а не ЕСМ. Ја очекуваме анализата на ЕСМ и во момент кога ќе се достави до Владата, Владата ја одредува цената со која ЕСМ ќе влезе во тендерот на ЕВН Хоум. Тие веќе прават калкулации за наредните шест месеци и во моментот кога ќе стигне предлог од страна на ЕСМ ние како Влада ќе ја утврдиме цената која ќе биде за домаќинствата и за малите потрошувачи за наредните шест месеци, рече Бектеши во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата. Како што додаде, сигурно е дека ќе има уште тендери од страна на ЕВН Хоум до крајот на годината пред формирање на цената на електричната енергија за тарифните потрошувачи од страна на Регулаторната комисија за енергетика.
Порача дека е добредојдена ако во моментов има компанија на ниво на Европа или во светот што може да понуди помала цена од 36,1 евро за мегават час.
-Ако може странска компанија да понуди помала цена од страна на ЕСМ за потребите на домаќинствата тоа секако дека ќе се очекува многу добро од наша страна, но тоа сега во моментов не може да се случи имајќи во предвид дека моменталната цена со која испорачува ЕСМ до ЕВН Хоум електрична енергија е 36,1 евро, а цените на светските берзи се многу повисоки, рече Бектеши.
Посочи дека Комисијата во која има членови од сите енергетски компании и од различни институции и на локално и на државно ниво работи секојдневно и нема предложено дополнителни мерки за излез од енергетската криза.
-Стоиме на мерката во делот на трансфер на средства за енергетските компании. Најверојатно сите средства ќе бидат префрлени до ЕСМ бидејќи ЕСМ има обврски кои треба да ги плати спрема МЕПСО, а дел од тие средства се токму и за таа намена, прецизира Бектеши.
Ќе се бара одговорност од сите кои нема да ги исполнат плановите што ги доставиле до Владата за производство на електрична енергија до крајот на годината, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
-Како Влада и Министерство за економија имаме добиено планови за производство. Ќе се бара одговорност од одредени раководства на подружниците на ЕСМ, вклучувајќи ја тука и РЕК Битола, кои нема да ги исполнат плановите за производство до крајот на годината, а секако и за наредната година, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Тој посочи дека утрово разговарал со генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски кој му кажал дека се прават напори во функција да се стави дополнителен блок во РЕК Битола.
-Сепак најважно од се е да се зголеми ископот на јаглен за да може да функционира РЕК Битола со моќноста која е потребна во моментов. Во делот на набавка на јаглен за потребите на РЕК Битола согласно денешните информации од Ковачевски во тек е евалуацијата, веќе е последната фаза и најверојатно до крајот на неделата ЕСМ ќе не информира за набавката на дополнителни количини на јаглен за потребите на РЕК Битола. Повеќе од убеден сум дека сите енергетски компании ќе работат согласно плановите. Во случај да не се исполнат плановите кои се доставени до Владата и од енергетските компании, а посебно од подружниците секако ќе се прземат соодветни мерки и ќе има одговорност од нивна страна, потенцира Бектеши.
Во Владата, додаде, разговаравме да се зголеми домашното производство, како и за зголемување на ископот на јаглен, посебно за потребните на РЕК Битола.
-Веќе се дадени насоките за да се вклучи и ТЕЦ Неготино и да се направи јавно приватно партнерство со Стопанската комора и сите заинтересирани страни за да може да се набави мазут и да се стави во функција. Најверојатно и ТЕЦ Осломеј од 1 декември ќе биде целосно во функција за кој се веќе обезбедени количините на јаглен. Веќе имаме понуди и веќе е донесена одлука од страна на ЕСМ, рече Бектеши.
Сепак нагласи дека најверојатно нема да се исполни планот за производство на електрична енергија за годинава.
-Најверојатно во делот на билансот нема да се исполни тоа што беше планирано во делот на производство од домашни ресурси. Затоа и објавивме кризна состојба се со цел да можеме да инјектираме средства од Буџетот во енергетските компании, а дел од тие средства од 65-те милиони евра кои ќе одат кон ЕСМ и МЕПСО секако дека се за набавка на електрична енергија за да се исполни потребата на потрошувачката, било за базна енергија или за пикови кога повеќе се троши електрична енергија од страна на домаќинствата, прецизира Бектеши./МИА