На денешната собраниска седница за пратенички прашања, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски бараше објаснување за поскапувањето на струјата.
На неговото прашање одговор даде премиерот Ковалевски, но и министерот за економија Крешник Бектеши, кој излезе на говорница и рече ќе одговара на македонски јазик, за да нема проблем со преводот. Министерот на пратеникот Стојановски му ги цитираше законски одредби во кои пишува дека општините се задолжени за производство и дистрибуција на топлинска енергија, пишува СДК.мк.
„Ќе се вратам на струјата, зашто Бојан, кога не сум на говорница, ме прашувате: ‘А бе, има нешто фотонапонски централи за ВМРО?’“, рече Бектеши и предизвика бурни реакции од опозицијата.
Потоа, министерот му кажа на Стојановски дека нивните градоначалници направиле штета од 30 милиони евра во енергетскиот систем на државата во првите шест месеци од владеењето. Општина Битола му го отстапила уличното осветлување на претпријатие од Жабени, читаше одлуки Бектеши.
„Вие многу добро знаете дека таа штета се прави на грбот на граѓаните. Па излегуваш тука и зборуваш дека е многу покачена цената на електричната енергија. Цената на електричната енергија е зголемена само во четвртиот блок, и тоа за ваши многу блиски луѓе, кои трошат 36 мегавати месечно. Грејат базени, копаат криптовалути. Го знаете и сами кој е, Ј. К., а не е Јелена Карлеуша, тој вашиот што ве финансира. И вие денес се буните зошто ги браниме граѓаните од првиот, вториот и од третиот блок. Да се троши 36 мегавати струја месечно е 86 пати повеќе од просечно македонско семејство во државата. Затоа ќе си плаќа поскапа струја, зашто има можност“, рече Бектеши.