Министерството за економија достави одлука до Владата со која се предлага мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи да се продолжи до крајот на февруари 2022 година, објави денеска на својот Фејсбук профил Министерот за економија, Крешник Бектеши.
Владата на Република Северна Македонија на 4 декември 2021 година донесе одлука да се замрзнат цените на основните прехранбени производи до 31 јануари 2021 година. Од Владата тогаш најавија дека ако има потреба таа одлука ќе биде продолжена.
Со одлуката на Владата се замрзнаа цените на основните прехранбени продукти, лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата на нивото што ги имале на 1 декември, со можност да се прошири одлуката и со другите производи.
Одлуката за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти беше донесена со цел да нема поголемо влијание во делот на трошоците што ги имаат граѓаните, особено во време на енергетска криза, имајќи предвид дека цените на електричната енергија можат да влијаат директно и индиректно во зголемување на цените и на производството и на трговијата, било тоа да е трговија на мало или на големо, изјави тогаш министерот за економија, Крешник Бектеши.